Милиони луѓе во Европа изложени на опасен воздух поради чадот од пожари во Франција и Шпанија
Чадот од пожари во Франција и Шпанија ја зголеми концентрацијата на ПМ2.5 во градовите, покажуваат податоците на Коперникус.

Чадот од шумските пожари што во последните неколку дена гореа во Франција и Шпанија ширум западна Европа доведе до зголемено присуство на опасни ситни честички, со што милиони луѓе се изложени на здравствен ризик.
Научниците предупредуваат за ПМ2.5 и далечински пренос
Чадот носи сложена мешавина од загадувачи кои можат да го влошат квалитетот на воздухот и стотици километри подалеку од огнот. Научниците особено се загрижени поради емисиите на ситни честички „ПМ2.5" кои можат да влезат длабоко во белите дробови и се поврзуваат со кардиоваскуларни заболувања, рак на белите дробови и проблеми со дишењето.
„Знаеме дека ова има навистина значително влијание врз здравјето, особено кога станува збор за повеќедневна изложеност", изјави Теодор Кипинг, климатолог од Империјал колеџот од Лондон.
Податоците од програмата на Европската Унија за следење на климата „Коперникус" покажуваат дека во францускиот град Бордо нивото на загадување со честички „ПМ2.5" на 26 јули надминало 300 микрограми на метар кубен. Кипинг посочи дека просечната концентрација на „ПМ2.5" честички во Бордо на 26 јули била речиси петпати повисока од нивото препорачано од Европската Унија.
Чадот проширил невообичаено високи концентрации на честички „ПМ2.5" на потегот од Мадрид до Бордо. Во градот Лимож, што се наоѓа околу 200 километри североисточно од Бордо, нивото на тие честички за време на викендот надминало 400 микрограми на метар кубен. „Гледаме се посериозни и почести пожари со висок интензитет, при што луѓето се изложени на мошне, мошне високи нивоа на честички ПМ2.5", додаде тој.
Експертите предупредуваат и дека честичките произведени при пожари може да станат уште потоксични кога се мешаат со други загадувачи присутни во чадот, што го зголемува здравствениот ризик. Јавните здравствени служби обично советуваат да се ограничат надворешните активности, да се држат затворени прозорците и да се следат локалните препораки за квалитет на воздухот додека траат повисоките концентрации.
Фото: прес-материјал од настанот