Министерката за енергетика Сања Божиновска бара извинување од СДСМ и најавува тужба
Божиновска демантира поврзаност со Rudnap и A METER&CONTROL и дава 24 часа на СДСМ за повлекување и извинување

Министерката за енергетика Сања Божиновска побара јавно извинување од СДСМ и најави правни чекори доколку партијата не ги повлече тврдењата во рок од 24 часа.
Опозицијата на прес-конференција на 20 септември обвини дека компанијата A METER&CONTROL, која доби тендер за набавка на мерачи за ЕВН во вредност од над 13 милиони евра, е делумно во сопственост на Rudnap Group и дека Божиновска од 2011 до 2014 била директор за Централна и Источна Европа во таа фирма.
Демантот на министерката
Во демант до јавноста министерката директно ги негираше обвинувањата: „Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со „Руднап“. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби.“
Божиновска ја обвини СДСМ за пласирање на невистини и за полтичка дискредитација: „СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација.“
Таа побара јавно повлекување на тврдењата и извинување во рок од 24 часа и упати предупредување за правни мерки: „Нема да дозволам преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионален углед. Затоа, наместо политички конструкции и измислени „мрежи“, од СДСМ барам во рок од 24 часа јавно да ги повлече невистинитите тврдења и да ми се извини за нивното изнесување. Во спротивно, ќе следуваат конкретни правни чекори. Ќе ги искористам сите расположливи правни механизми за заштита на мојата чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и соодветни пријави до надлежните институции“, гласи демантот на Божиновска.
Во демантот министерката уште еднаш потсети дека набавката на мерачи ја спроведува ЕВН како приватна компанија и дека не постои сегашна поврзаност помеѓу неа и компаниите наведени од опозицијата. Објавено на 22 септември 2026.
Фото: прес-материјал од настанот


