Министерот Борче Серафимовски најави обесштетување за сточарите поради сипаници
Подготвена е методологија за исплати; ЕУ обезбеди 450 000 вакцини, а министерството ќе преговара со сточарите за вакцинација и понатамошни мерки.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, најави методологија за обесштетување на сточарите чиј добиток погина поради избивањето на сипаниците. Според него, до сега бројката на угинати овци се движи кон 10 000 грла.
Серафимовски појасни дека според пропишаните правила на истото место најмалку шест месеци не смее повторно да се држи добиток, поради што ќе се бара начин државата да им помогне на сточарите при набавка на нови грла.
„Согласно правилата, на истото место најмалку шест месеци нема да може повторно да се чува добиток. Така што, ние ќе гледаме максимално што можеме да извршиме исплата кон сточарите за да може да се подготват за повторно набавување нови овци“, изјави денеска министерот.
Вакцинација и наредни мерки
Министерот информира дека од Европската Унија се обезбедени 450 000 вакцини за овци и кози и дека е добиена дозвола за нивна употреба. Тој најави дека во текот на следната недела ресорното министерство ќе одржи средба со претставници на сточарите за да се договори дали и како ќе се спроведе вакцинација и кои ќе бидат следните чекори.
Серафимовски оцени дека состојбата постепено се стабилизира, а засега ширењето е ограничено главно на Источниот Регион, кој е едно од најпогодените подрачја. Тој додаде дека сточарите ги почитуваат мерките и ги изолираат стадата, што придонесува бројот на заболени да се намали.
„Во координација со сточарите ќе се разгледуваат следните чекори со справувањето на болеста и ќе ја разгледаме можноста за вакцинација на добитокот во согласност со препораките на европските експерти“, заклучи министерот.
Фото: прес-материјал од настанот


