Почетна
Македонија

Министерството формира комисија за стручен надзор по случајот со парализираната родилка од Струмица

Комисијата ќе вклучи специјалисти и медицински експерт од соседна држава; инспекциите во три болници се завршени.

·Македонија
Министерството формира комисија за стручен надзор по случајот со парализираната родилка од Струмица

Министерството за здравство формира комисија која ќе спроведе стручен надзор по случајот со 19-годишната родилка од Струмица која остана парализирана по породувањето со царски рез и аплицирана спинална анестезија.

Имајќи ги предвид сериозните здравствени компликации на пациентката, надзорот ќе го опфати целокупниот тек на нејзиното породување и понатамошно лекување, соопштија од ресорното министерство.

„Комисијата за стручен надзор е составена од лекари специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија. Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава. Тој ќе учествува во разгледувањето на целокупната медицинска документација на пациентката и во изготвувањето на стручното мислење за преземените дијагностички и терапевтски постапки“, соопштија оттаму.

Вонредните инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веќе се завршени во три клиники каде што пациентката се лекувала: Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Инспекторите направиле увид во здравствената евиденција и медицинската документација и земале изјави од вклучени здравствени работници.

Случајот предизвика јавен интерес откако по операцијата младата жена ја загуби подвижноста на нозете и разви параплегија. Нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман, а пациентката итно беше префрлена прво во штипската клиника, а потоа во Клиниката за неврологија во Скопје за дополнителни истражувања.

Раководството на Клиничката болница во Штип најави формирање сопствена стручна комисија за евалуација на случајот и соопшти дека при нивните прегледи не биле утврдени хируршки пропусти во нивниот домен. Министерството за здравство информира дека ќе ги објави наодите од стручното мислење по завршувањето на работата на комисијата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи