Министерството: Интензивно се работи на интерконекторите со Грција и со Србија, а се оспособува и домашната мрежа
Министерството вели дека проекти кон Грција и Србија напредуваат, а внатрешната мрежа се сервисира и суши пред пуштање во функција.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштува дека изградбата на интерконекторите со Грција и со Србија се одвива според планираната динамика, додека истовремено се спроведуваат технички работи за оспособување на домашната гасоводна мрежа.
На јужниот интерконектор кон Грција, кој на македонска страна е долг 68 километри, досега се испорачани 64 километри цевки; се заварени 43 километри, а 18 километри се веќе спуштени во ров. Процесот на експропријација е речиси комплетиран — 97 отсто. Проектот се финансира со грантови и кредити од ЕИБ и ЕБОР и треба да заврши во средината на 2027 година.
Работи и за интерконекторот со Србија и за внатрешната мрежа
Паралелно се работи и на интерконекторот со Србија долг 23 километри. По потпишувањето на договорот во август 2026 година, во тек се проектирање и дефинирање на трасата. Министерството додава дека овој проект ќе се финансира со сопствени средства на АД „Номагас“.
Во домашната гасоводна мрежа, во вкупна должина од 277 километри, се изведуваат технички прегледи, сервисирање и сушење на делниците Клечовце–Неготино и Неготино–Битола. Иста постапка ќе се спроведе и за трасата Скопје–Тетово–Гостивар, со цел безбедно пуштање во функција.
Од МЕРМС ги отфрлаат тврдењата на опозицијата дека ребалансот на буџетот значи кратење на средства за гасификацијата. Министерството објаснува дека измените во потпрограмата „Гасификација“ се прилагодување кон реалните услови на пазарот. Додадено е дека средствата што беа наменети за набавка на стратегиски резерви на природен гас не можеа да се потрошат според планираната динамика поради ограничена достапност на прекугранични транспортни капацитети кон Бугарија.
„Напредокот треба да се оценува според реализираните работи и исполнетите технички услови, а не преку општи политички квалификации за откажување од гасификацијата. Министерството останува насочено кон безбедно ставање на инфраструктурата во функција и создавање услови за посигурно и поразновидно снабдување со природен гас“, истакнуваат од МЕРМС.
Пред десетина дена, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека со изградбата на двата интерконектора, со северниот и со јужниот сосед, драматично ќе се зголеми геостратешкото значење на Македонија и дека едниот интерконектор може да биде пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028 година.
Фото: прес-материјал од настанот


