Мисајловски: Професионалните војници ќе може да останат во Армијата и откако ќе навршат 45 години
Професионалните војници ќе можат да изберат отпремнина, трансфер или трансформација на работниот однос во трајно вработување во Армијата.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски објави реформа со која професионалните војници што ќе навршат 45 години ќе добијат можност да останат вработени во Армијата како цивилно лице сè до исполнување на условите за старосна пензија. Реформата, презентирана по денешната владина седница, им дава избор на војниците – откупна отштета, трансфер во друга државна институција или трансформација на работниот однос од определено на неопределено време во рамки на Армијата.
Понуди за продолжување на работниот ангажман
Според предложените измени, секој професионален војник кој ќе наполни 45 години ќе има можност да избере дали ќе ја искористи опцијата за испратнина или ќе продолжи со работниот ангажман во Армијата како цивилно лице со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. И натаму останува можноста војниците по навршување на 45 години да заминат во друга државна институција.
„Со оваа реформа правиме решение секој еден војник да може да остане како цивилно лице во Армијата сè додека не наполни години за старосна пензија. Војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45 година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, а со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата. Ова е реформа што ја работевме подолго време, а која произлегува од Армијата и е поддржана од синдикатите“, изјави Мисајловски на денешната прес-конференција.
Покрај решавањето на статусот на професионалните војници, Мисајловски рече дека во разговор со министерката за финансии е постигнат договор за потпишување колективен договор и зголемување на платите во Армијата.
Началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, појасни дека војниците кои ќе наполнат 45 години и ќе одлучат да го трансформираат работниот однос ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на армиските објекти, со што ќе се растоварат командите и единиците од оваа дополнителна обврска.
„Тоа без исклучок и по правило е секундарна, терцијална задача, обврска и би рекол дополнителна обврска на тие команди и единици, а и согласно нивната мисија и суштински задачи, секогаш е дополнително оптоварување. Со ова предлог-решение таа многу важна обврска ќе биде преземена токму од професионалните војници. Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска“, изјави Лафчиски.
Министерот за одбрана додаде дека откако е најавена ваквата реформа има многу поголем интерес од војниците да останат во Армијата, што според него е добар сигнал.
Фото: прес-материјал од настанот


