МНР ја потврди несреќата во Словенија: меѓу загинатите две малолетни лица
На автопатот А1, во близина на Унец, три македонски државјани го загубија животот — меѓу нив две малолетни лица, соопшти МНР.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека на 27 август во тешка сообраќајна несреќа во Словенија загинале три македонски државјани, при што две од жртвите се малолетни лица.
Според официјалното известување доставено до Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, во патничкиот автомобил имало пет лица — три починале на местото, а двајца се повредени и пренесени на медицински третман.
„Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија“, информираат од МНР.
Почетни информации од словенечката полиција
Словенечката полиција соопшти дека возилото удрило во приколка од камион кој бил запрен поради дефект. Надлежните институции во Словенија ќе ги утврдуваат причините и целосните околности околу несреќата.
Случајот го обработуваат органите во Копер, а Амбасадата во Љубљана е во постојана комуникација со словенечките институции и го следи понатамошниот тек на постапката.
Фото: прес-материјал од настанот