Почетна
Спорт

Моника Стојковска: Шахот како инвестиција во тело и ум, кариера и предизвици

Првата табла зборува за почетоците, најважните моменти и потребата од повеќе поддршка во Македонија.

·Спорт
Моника Стојковска: Шахот како инвестиција во тело и ум, кариера и предизвици

Моника Стојковска е долгодишната прва табла на женската шаховска репрезентација на Северна Македонија, повеќекратна државна шампионка и шахистка која веќе со години ја носи земјата на челната табла. Членка е на ШК Алкалоид од 2008 година, со континуирана клубска и репрезентативна поддршка и значајни меѓународни појавувања.

Од семејната шаховска гарнитура до првата табла

За своите почетоци таа вели: „Во моето семејство спортот отсекогаш имал посебно место. Уште кога имавме четири години, моите родители нè прашаа мене и сестра ми со кој спорт би сакале да се занимаваме. На таа возраст, секако, немавме јасна претстава што сакаме, но многу добро знаевме што не сакаме. Не нè привлекуваше ниту еден од понудените спортови, како пливање, ракомет и слично. Татко ми дома имаше професионална шаховска гарнитура, а и самиот играл шах додека го отслужувал воениот рок. Така, на крајот се сети да ни го покаже шахот. Мене веднаш ми го привлече вниманието и се согласив да ме однесат на часови. Групните часови ми беа многу интересни, учевме нови работи, решававме задачи и игравме партии. Токму така се роди мојата љубов кон шахот, љубов која трае до ден-денес“.

Таа појаснува дека турнирскиот шах бара и голема психофизичка подготовка: „Турнирските партии во шах бараат огромен фокус, енергија, трпение, борбеност и истрајност, бидејќи можат да траат по неколку часа. Токму одржувањето на концентрацијата во текот на целата партија, дури и по толку години активно играње шах, можеби сè уште е најголемиот предизвик за мене. Да останеш максимално фокусиран околу пет часа, колку што може да трае една шаховска партија, воопшто не е едноставно. Тоа бара добра психофизичка подготвеност. Иако шахот на прв поглед изгледа како спорт во кој седиме со часови, зад таа издржливост стојат и редовни физички активности. За да може умот да издржи пет часа под максимален напор, мора да биде подготвено и телото“.

За положбата на жените во спортот таа е отворена: „За жал, и покрај тоа што живееме во 21 век, жените во спортот сè уште се борат за еднакво признание, еднаков награден фонд, еднаков медиумски простор и еднаков респект. Шахот, за жал, не е исклучок. Сметам дека патот на жените кон врвен спортски резултат честопати е потежок, особено кога спортската кариера треба да се усогласи со различните животни и семејни обврски. Затоа се надевам дека во иднина ќе гледаме сè поголема еднаквост, не само декларативно, туку и преку конкретни услови, можности и вреднување на резултатите“.

Меѓу нејзините најзначајни моменти се освојувањето на двојна норма за титулата женски интернационален мајстор (WIM) на Шаховската олимпијада во Баку во 2016 година и освојувањето на третата норма на Европското екипно првенство во Грција. Како што вели самата: „Како еден од најдрагите моменти во мојата кариера го паметам освојувањето на двојна норма за титулата женски интернационален мајстор на Шаховската олимпијада во Баку во 2016 година. Таму за првпат настапував на водечката, прва табла за женската шаховска репрезентација и успеав на еден турнир да освојам две од трите потребни норми за титулата WIM, женски интернационален мајстор. Тој резултат имаше посебно значење за мене бидејќи дојде токму на мојот прв настап на првата репрезентативна табла. Потоа, на Европското екипно првенство во Грција, повторно настапувајќи на првата табла за женската репрезентација, ја освоив и третата потребна норма за титулата WIM. Тоа се моменти што остануваат засекогаш во сеќавање, бидејќи зад нив стојат години работа, подготовки и многу одиграни партии“.

За состојбата во македонскиот шах таа предупредува на структурални предизвици: „Последниве години беа тешки за македонскиот шах. Сè уште се соочуваме со финансиски потешкотии поврзани со настапите на шаховските репрезентации, а дополнителен проблем е и неодржувањето на државни сениорски првенства во одредени години. Шахистите се принудени да патуваат надвор од Македонија со цел да учествуваат на меѓународни ОПЕН шаховски турнири во стандарден шах, бидејќи во Македонија речиси и да не се одржуваат такви турнири. Се надевам дека во годините што следуваат состојбата во македонскиот шах ќе се подобрува, дека ќе има поголема поддршка за репрезентативците, но и повеќе домашни и меѓународни турнири во Македонија“.

Фото: Приватна архива на Моника Стојковска

Поврзани написи