Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ засега без булеварско продолжение, до „Ист гејт“ преку пристапни улици
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски: експропријацијата е завршена, уривањата и асфалтирањето ќе овозможат функционалност, но булеварско решение засега нема.

Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде пуштен во сообраќај без засега да добие булеварско продолжение до трговскиот центар „Ист гејт“, изјави градоначалникот на Скопје. Пристапот кон центарот ќе се остварува преку постојните пристапни улици додека се завршуваат преостанатите градежни и имотно-правни работи.
Ѓорѓиевски: мостот ќе биде целосно функционален во рок од неколку недели
Орце Ѓорѓиевски во телевизиско гостување кажа дека експропријацијата на трасата е завршена и дека се води процес на уривање на објектите. „Експропријацијата е завршена, срушени се објектите и правиме подготвки за тампонирање и асфалтирање кои во наредните 20 дена ќе биде завршени, со што ќе овозможиме целосна функционалност на мостот. Крајната цел ќе биде и оние објекти што водат од левата страна кон ‘Ист гејт' да ги завршиме“, рече тој.
На новинарско прашање дали мостот ќе се поврзе директно со „Ист гејт“, градоначалникот одговори дека засега сообраќајот ќе се пренасочи преку пристапните улици, а не преку нов булевар.
„Тоа е она што го ветив во предизборието, земајќи предвид дека таму има многу предмети што се во судска постапка. Значи булеварско решение нема да има, но како што ветив, ќе има целосна функционалност на мостот“, вели Ѓорѓиевски.
Изградбата на мостот започна во 2020 година, кога градоначалник беше Петре Шилегов, како дел од проектот за продолжување и проширување на булеварот АСНОМ и поврзување на општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Конструкцијата на мостот беше завршена во наредните години, но пуштањето во употреба беше одложено поради нерешени имотно-правни прашања и експропријација.
Според градските власти, откако мостот ќе биде функционален и ќе се завршат работите на трасата, се очекува да се намали сообраќајниот метеж во околината на Аеродром и Гази Баба. Од утре е најавено уривање на преостанатите објекти на трасата, посочи градоначалникот.
Фото: Фејсбук


