МПЦ – ОА го осуди насилството врз жените и фемицидот, најави едукација на свештенството за нивно препознавање
Синодот го оцени фемицидот како најсуров облик на насилство и побара соработка со институциите за заштита на жртвите.

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) изнесе најостра осуда на сите облици на насилство, со посебен акцент на семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и злоупотребите во дигиталниот простор.
По редовната седница, одржана денеска, владиките изразија загриженост поради зголемувањето на насилството и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата во општеството.
„МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо“, се вели во соопштението.
Од Синодот посебно го осудија фемицидот, оценувајќи го како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
Соработка и едукација на свештенството
Владиците истакнаа дека МПЦ – ОА е подготвена за соработка со државните институции, верските заедници и други релевантни организации во превенцијата и надминувањето на овие појави. Посочија дека свештенството досега совесно и одговорно ја извршувало својата пастирска служба, вклучително и при предизвиците поврзани со различните облици на насилство.
Синодот го нагласи и значењето на континуираната едукација и обука на свештенството за препознавање на знаците на насилство, со цел пружање соодветна поддршка на погодените лица и навремено нивно упатување до надлежните институции и стручни служби.
Ставот на МПЦ – ОА доаѓа по серијата реакции во јавноста поради случаи на насилство врз жените и фемициди. На 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ организираше протестен марш од пред Собранието до Министерството за внатрешни работи, барајќи итна институционална одговорност и заштита за жртвите.
Пред зградата на МВР, учесниците поставија импровизиран гроб со натпис „Овде почиваат телата на 59 жени жртви на институциите“ и најавија нов протест за две недели во паркот „Жена борец“.
Фото: прес-материјал од настанот


