Почетна
Македонија

Мултифондови за похрабро инвестирање и повисоки приноси наместо укинување на вториот пензиски столб

Предложен закон предвидува поделба на портфолијата по возраст за повисоки приноси и заштита на пензиите на повозрасните.

·Македонија
Мултифондови за похрабро инвестирање и повисоки приноси наместо укинување на вториот пензиски столб

Менџерите на пензиските фондови предлагаат реконструкција на вториот пензиски столб преку воведување мултифондови, со цел парите на помладите осигуреници да се вложуваат похрабро и да носат повисоки очекувани приноси.

Како би функционирале мултифондовите

Според идејата што се промовира, средствата на младите ќе бидат насочувани во поагресивни портфолиа, поради нивниот долг инвестициски хоризонт и способноста да издржат краткорочни колебања. За лицата на средна возраст предвидени се балансирани портфолиа слични на сегашниот систем, додека за оние пред пензионирање и за пензионерите ќе се користат конзервативни портфолиа со цел заштита на стекнатите средства од големи флуктуации.

„Очекуваме најмалку 1,5 до 3 процентни поени да е повисок просечниот принос, во зависност за кој тип на портфолио се работи, бидејќи тоа ќе биде поделено на начин каде за младите ќе може да се вложува поагресивно, пред сè поради нивниот долг инвестициски хоризонт кој го имаат пред себе. За луѓето на средна возраст ќе биде балансираното портфолио кое соодветствува со сегашниот систем, а за оние кои се буквално пред пензионирање и по пензионирањето ќе се оди со конзервативно портфолио коешто има за цел да го заштити сето она што е створено низ годините од флуктуации“, вели Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови.

Досегашните приноси се околу 5,5 отсто годишно, велат пензиските друштва. Вториот пензиски столб, воведен во 2006 година, требаше дел од средствата задржани за пензиско осигурување да ги насочи во индивидуални сметки кои ќе се инвестираат и оплодуваат со тек на време.

Во пракса, две третини од уплатените средства за пензиско отидуваат во државниот ПИОМ, а една третина во вториот столб. Дел експерти предлагаат зголемување на уделот што оди на личните сметки во вториот столб, со цел поголема акумулација на средства. Оваа година заминаа првите пензионери кои добиваат пензија од вториот столб.

„Се прават законски измени за исплата на пензии, сè уште не е точно регулирано како ќе биде, но во моментот ќе се земаат како програмирани повлекувања. Прво ќе се соберат парите во едно, па ќе се исплаќа пензија прво од вториот столб сè додека не се исцрпат средствата. Откако ќе се исцрпат средствата, ПИОМ да продолжи да ја плаќа пензијата“, вели Пранвера Сума, член на Советот на експерти во МАПАС.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи