МВР одзеде 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција и 10 експлозивни средства во акцијата „TRIGGER X“
Во акцијата се извршени 35 претреси, извршени проверки на 548 лица и 382 возила, и вонредни контроли во стрелачки клубови.

Министерството за внатрешни работи објави дека во рамки на меѓународната операција на Интерпол „TRIGGER X“, во периодот од 22 јуни до 5 јули годинава, од земјава се одземени 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција и 10 минско-експлозивни средства.
Во акцијата беа извршени 35 претреси, а на граничните премини се уапсени две лица. МВР дополнително наведува дека меѓу одземените предмети се и три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 ловни патрони.
“Во рамки на оперативните активности беа извршени контроли и прегледи на 548 селектирани лица и 382 возила, меѓу кои патнички и товарни возила, како и приколки. Дополнително, Одделот за криминалистичко-разузнавачка анализа при Бирото за јавна безбедност и Секторот за меѓународна полициска соработка извршија проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила”, соопшти МВР.
Претоперативни пронајдоци и вонредни контроли
Во предоперативната фаза, при два претреси, биле пронајдени и одземени три пиштоли, 115 куршуми, рамка за оружје, седум ловни патрони, три рачни бомби и кутија со барут. Дополнително биле пронајдени и одземени пиштол, рамка, импровизирана направа во вид на цевка за испукување куршуми и 77 куршуми.
Во Скопје и Битола беа извршени четири вонредни контроли во стрелачки клубови и две вонредни контроли во цивилни стрелишта. При контрола во стрелачки клуб во Прилеп биле одземени ловна пушка и револвер.
“Учество во вакви меѓународни оперативни акции претставува значаен придонес во зајакнувањето на меѓународната полициска соработка, размената на информации и координираното постапување во борбата против недозволената трговија со оружје и прекуграничниот криминал. Преку заеднички и координирани активности со меѓународните партнери, МВР продолжува активно да придонесува кон унапредување на безбедноста и спречување на нелегалниот промет со оружје, муниција и експлозивни средства”, посочија од МВР.
Фото: прес-материјал од настанот


