МZ: Вакцините против грип се очекуваат во текот на месецов, доцнат по глобален проблем
Министерството за здравство вели дека на тендерот не пристигнала ни една понуда и дека доцнењето е предизвикано од промена на вирусните соеви на глобално ниво.

Министерството за здравство соопшти дека вакцините против сезонски грип за ранливите категории граѓани се очекува да бидат обезбедени во текот на месецов, поради доцнење предизвикано од проблеми во производството на глобално ниво.
Од министерството посочуваат дека на објавениот тендер за набавка не пристигнала ниту една понуда и нагласуваат дека причината не е во домашната постапка, туку во специфична одлука на светските здравствени власти.
„Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенија ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот“, објаснуваат од Министерството.
Надоместување преку меѓународни канали
Министерството наведува дека е во постојана комуникација со земјите од регионот и со меѓународни партнери за да се обезбедат потребните дози. Во соопштението се потсетува дека вакцинацијата е најсигурна заштита од компликации за хронично болните, постарите лица и бремените жени.
Граѓаните дополнително ќе бидат известени за точниот термин за почеток на вакцинацијата, а при распределбата предност ќе имаат најранливите групи откако ќе пристигнат дозите.
Фото: прес-материјал од настанот


