На Македонија ѝ требаат 52 години да го достигне европскиот просек, вели ЗМАИ
Анализата покажува најголемо заостанување во инфраструктурата, животната средина и економијата.

На Македонија ѝ требаат уште 52 години за да го достигне европскиот просек ако продолжи со сегашното темпо на економски раст, покажува годишниот извештај за конвергенција на Здружението за истражување и анализи - ЗМАИ.
Каде се најголемите јазови
Извештајот ги мери приближувањето кон ЕУ во осум области и открива дека најголеми заостанувања има во инфраструктурата (43,4% од европскиот просек), животната средина (54,2%) и економијата (55,9%). Најблиску до просекот се здравството (80,3%), дигитализацијата (77,3%) и институционалното управување (72%).
Покрај тоа, бруто-платата според куповната моќ е на 64% од европскиот просек, продуктивноста е на 54%, а електронските јавни услуги достигнуваат само 36%. Граѓаните пак од свој џеб плаќаат 39,6% од трошоците за здравство.
„Имаме назадување од 0.1 процентен поен, немаме некој голем генерален напредок, во одредени области имаме и уназадување. Во дигитализацијата многу е важно да се каже дека приватниот сектор има напредок, тоа кое што ни недостасува и во кое што каскаме е државниот сектор односно државните дигитални услуги. И еве здрвството кое што еве е најблиска како просек до ЕУ има еден дел каде што навистина сме назад кон ЕУ , а тоа се трошоците кои што граѓаните ги даваат од сопствен џеб за здравствени услуги,” изјави Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.
Евроамбасадорот Михалис Рокас нагласи дека економското приближување кон ЕУ и процесот на пристапување треба да одат заедно и дека почетокот на преговорите ќе ја промени динамиката.
„Мислам дека говорот би бил некомплетен, ако не кажам што навистина ќе ја смени играта – тоа ќе биде да се отворат преговорите за пристапување. Тоа не можеме да го потцениме. Европските закони се важни да бидат основата за да одиме понатаму, но од клучна важност е да се врати вербата дека земјата се движи кон ЕУ,” порача Рокас.
Ирскиот амбасадор Брендан Ворд ја опиша патеката кон ЕУ како сидро, правејќи паралела со искуството на Ирска откако стана членка на Унијата.
„Северна Македонија од нејзината независност имаше неколку потешкотии со соседите. Повеќето од нив се значително решени, некои се се уште отворени. Но еве за Ирска од кога стана член во ЕУ, најважно беше да го подобри односот со Обединетото Кралство нашиот најголем сосед,” изјави Брендан Ворд, амбасадор на Ирска во земјата.
На презентацијата беше нагласено дека реформите не се за Брисел туку за граѓаните: за приближување до европскиот стандард се потребни повисока продуктивност, функционални јавни услуги и институции кои даваат резултати, но и конкретни придобивки уште пред членството.
Фото: прес-материјал од настанот


