Почетна
Македонија

На Партизанска во Скопје поставена чекална како симбол на корупцијата во здравството

ЕСЕ постави имитирана болничка чекаалница и скулптури во Скопје за да ја посочи праксата на мито, подароци и врски во јавното здравство.

·Македонија
На Партизанска во Скопје поставена чекална како симбол на корупцијата во здравството

Утринава на скверот меѓу булеварот Партизански одреди и улицата Ленинова во Скопје беше поставена импровизирана болничка чекална како визуелен протест против коруптивните практики во јавното здравство.

Инсталацијата, во организација на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, имитира вистинска чекаалница со шалтер и столчиња. Случајните минувачи ги читаа сатиричните пораки испишани на инсталацијата, а некои и седнаа да „почекаат“ здравствена услуга, во обид директно да се сретнат со проблемите на системот.

Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ ја опиша акцијата вака: „Целта на оваа активност е на креативен и необичен начин да го свртиме вниманието на јавноста и на надлежните институции кон еден проблем кој е длабоко вкоренет во македонското здравство и со кој секојдневно се соочуваат илјадници граѓани. Корупцијата во здравството ги нарушува основните човекови права, создава нееднаков третман за пациентите и ги поткопува темелите на јавното здравство. Се надеваме дека пораките испишани на оваа чекална за подобро здравство ќе ги охрабрат граѓаните, но и здравствените работници, да ја пријавуваат корупцијата, а во исто време ќе бидат поттик за надлежните институции порешително да се справуваат со овој сериозен проблем“.

Скулптури како симболи и наоди од истражувањето

Покрај чекалната беа поставени и две големи скулптурни форми кои алегориски ја прикажуваат корупцијата: голем коверт од кој излегуваат банкноти како симбол на паричниот поткуп и масивно пакување кафе, брендирано како „Кафе Врска“, кое сатирично асоцира на ситните подароци и односи кои се разменуваат во секојдневните здравствени контакти.

Овие визуелни пораки се поврзуваат со истражувањето на ЕСЕ „Снаоѓање или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем“, кое покажува дека давањето пари или подароци е најчеста форма на корупција во македонското јавно здравство. Во најголем дел од случаите мито се дава за болнички кревет или операција без чекање, како и за термин „преку ред“ кај доктор специјалист.

Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на Здружение ЕСЕ, укажа на родовата димензија: „Нашето истражување покажа дека жените, особено оние од ранливите категории, се поизложени на корупција во здравството. Еден од податоците кој го потврдува ова е дека една четвртина од испитаничките рекле дека имале коруптивно искуство при користење гинеколошко – акушерска здравствена заштита“.

Здружението нагласува дека акцијата не е насочена против здравствените работници, туку против системските недостатоци и практиките кои ја нарушуваат довербата во професијата. Инсталацијата е дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, што ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка од Expertise France преку Agence française de développement.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи