Надлежните уверуваат: Енергетската криза нема да влијае врз производството на електрична енергија оваа зима
РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј ќе носат основна работа додека Суводол се санира и се обезбедуваат залихи на јаглен.

Надлежните од државната енергетска компанија уверуваат дека тековните работи за санација во рудникот Суводол, паралелно со ремонти на единиците во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, нема да го загрозат производството на електрична енергија во пресрет на зимската сезона и зголемената потрошувачка.
Термо капацитетите ќе ја носат основната енергија
Според најавите, акцентот ќе биде ставен на термо капацитетите: РЕК Битола и Осломеј. РЕК Битола ќе работи со еден блок до почетокот на ноември кога се очекува пад на температурите и ќе се вклучи и вториот блок. Во зависност од падот на температурите и од растот на потрошувачката, во функција ќе го вклучат и ТЕЦ Осломеј, како и третиот блок во РЕК Битола.
“-Акцентот ќе биде на термото. Двата блока во Битола ќе бидат во погон. Да не заборавиме дека РЕК Осломеј веќе на 5ти ќе биде подготвен да го вклучиме на мрежа бидејќи излегува од ремонт. Така да базната енергија ќе се осигуриме преку производството во трите блока – двата во Битола и еден во Кичево. Третиот во Битола ќе биде по потреба, ќе биде вклучуван во зависност од периодите на оптовареност на конзумот,” вели Лазо Узунчев, генерален директор на ЕСМ.
Од компанијата истакнуваат дека има доволно залихи на јаглен и дека санацијата во Суводол, наменета за спречување на свлечиште, ќе биде завршена. Доколку се покаже потреба, ќе се набавува и од Косово преку договор со главната енергетска компанија во Косово – КЕК, за ископ на околу 3 милиони тони.
“Во моментниов нашиот јаглен е обезбеден преку ископ, во двата рудника во Битола. Иако се работи на санација во Суводол, таа ќе заврши за не повеќе од месец дена од денес, каде што ќе ги максимизираме дневните ископи. ВО моментов имаме и три договори за добавувачи на јаглен од рудници во Грција. Во моментов за претстојната грејна сезона имаме релативно солдини количини на јаглен на кои може да се потпреме“, додава Узунчев.
Хидро капацитетите во моментов се на 43 проценти исполнетост и ќе се користат само во крајна нужда во јануари и февруари, бидејќи се неопходни за балансирање на мрежата. Истовремено тече третата фаза на ревитализација на шесте големи хидроелектрани, во која се вложени 46 милиони евра, со цел да се добијат нови инсталации со зголемен капацитет од речиси 50 гигавати годишно и дополнителни 5 милиони евра годишни приходи.
Фото: прес-материјал од настанот


