Најмногу сообраќајки во полошкиот регион се случуваат во понеделник, четврток и петок
СВР Тетово бележи пад на бројот на несреќи во првите седум месеци од 2026, но предупредува дека одредени денови и часови остануваат ризични.

Деновите понеделник, четврток и петок се најризични за сообраќајот во подрачјето што го опслужува СВР Тетово, покажуваат податоците кои ги презентира полицијата. Најчести причини за несреќите се судирите меѓу возилата во движење, излетувања од патот и судири со учество на пешаци, а најризични локации се улиците во населбите и отворените патни правци со голема фреквенција на сообраќај.
Бројки за периодот јануари–јули 2026
Од СВР Тетово велат дека во периодот од 1 јануари до 28 јули 2026 е забележано значително намалување на бројот на сообраќајни несреќи, што покажува позитивен тренд во подобрувањето на безбедноста на патиштата, и покрај зголемената фреквенција во јули поради враќањето на лица од дијаспората. „Во периодот од 1 јануари до 28 јули 2026 , на подрачјето што го покрива Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово е забележано значително намалување на сообраќајните несреќи, што укажува на позитивен тренд на зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во текот на месец јули кога фреквенцијата на возила е значително зголемена поради доаѓањето на сограѓаните од дијаспората. Во овој период од годинава се регистрирани вкупно 590 сообраќајни несреќи, од кои 368 во регионот на Тетово и 222 во Гостивар. Оваа бројка покажува намалување за 74 несреќи во споредба со истиот период од 2025, кога се случиле вкупно 664 несреќи, од кои 382 во Тетово и 282 во Гостивар. Годинава се случила само една сообраќајна несреќа со две жртви во регионот на Гостивар и ниту една во Тетово, додека во истиот период лани имало 4 сообраќајни несреќи со 4 жртви, од кои една во Тетово и три во Гостивар“, велат од СВР Тетово.
Оваа година се евидентирани 57 несреќи со тешки телесни повреди (32 во Тетово и 25 во Гостивар), во споредба со 59 во 2025 година. Регистрирани се 254 несреќи со лесни телесни повреди (175 во Тетово и 79 во Гостивар), во однос на 299 во истиот период минатата година.
„Во текот на ова година, 65 лица добиле тешки телесни повреди (37 во Тетово и 28 во Гостивар), додека во 2025 година таа бројка изнесувала 69 лица. Лесни телесни повреди добиле 587 лица (281 во Тетово и 106 во Гостивар), во споредба со 456 лица кои настрадале минатата година“, додаваат од СВР Тетово, посочувајќи дека најголем дел од повредените се возачите, по што следуваат патниците, мотоциклистите, возачите на тротинети и пешаците.
Полицијата ги повикува возачите и пешаците да бидат особено внимателни на делниците со поголема сообраќајна фреквенција и во временскиот период од 12 до 20 часот кога се зголемува и фреквенцијата на несреќи.
Фото: СДК.МК)