Наредба за прекин на ископ во Суводол поради свлечиште, ЕСМ тврди производството на струја не е загрозено
Во РЕК Битола се менува организацијата на работа додека трае санацијата, а ЕSM уверува дека испораката на струја е сигурна.

Во рудникот Суводол привремено е прекинат ископот поради свлечиште, а додека трае санацијата се менува организацијата на работа во РЕК Битола. Дел од вработените добиле наредба да преминат од работа во смени на полно работно време, а ангажманите ќе се распределуваат по стручност и задачи ќе добиваат од техничкиот директор на Рудници.
ЕСМ: производството на електрична енергија не е загрозено
Во дописот до вработените стои и предупредување дека непочитувањето на наредбите ќе биде санкционирано согласно законот и колективниот договор на друштвото. И покрај тоа што во дел од инструкциите е наведено дека ископот ќе биде привремено прекинат, од ЕСМ велат дека ископот продолжува паралелно со санацијата.
Во одговорот од ЕСМ е наведено: "Иако , производството и експлоатацијата се одвиваат со намален капацитет согласно насоките од проектот за санација, тие не се загрозени во ниту еден момент, така што ископот на јаглен продолжува да се одвива непречено во три смени од ПЈ Суводол и од рудникот Брод Гнеотино, пишува во дописот од ЕСМ". Компанијата додава дека дел од работниците од втора и трета смена се пренасочени во прва смена за да помогнат во ремонтните активности во комбинатот.
За надомест на домашниот јаглен, од грчки јаглен дневно се врши дотур од околу 2.000 до 2.500 тони.
ЕСМ наведува дека според податоците заклучно со август произведени се 25 отсто помалку струја во однос на планот, слично како и лани, но појаснуваат дека причината за намалувањето е економско работење, а не дефект. Компанијата има амбиција да постигне годишно производство од 4.300 гигават-часови во 2026 година, количина која не е испорачувана со години.
Сепак, дали ќе се реализира тој план ќе стане појасно со стартот на грејната сезона, а зависи и од тоа каква ќе биде зимата. Сè уште не е познато колку време ќе трае санацијата и кога ископот од домашниот рудник ќе може да се зголеми.
Фото: прес-материјал од настанот


