Народната банка доби пристап до 50 милијарди евра од Евросистемот
ЕЦБ ѝ дозволи на Народната банка пристап до трајна, зголемена репо-линија на Евросистемот со капацитет од 50 милијарди евра.

Европската централна банка ѝ ја одобри на Народната банка можноста да се приклучи на зголемената репо-линија на Евросистемот (ЕУРЕП) со максимален износ од 50 милијарди евра. По завршувањето на техничкиот процес на приклучување, Народна банка ќе има брз пристап до девизна ликвидност за справување со потенцијални финансиски шокови и зголемена побарувачка по евра.
Во соопштението се истакнува дека овој пристап ја зајакнува отпорноста на финансискиот систем, и покрај тоа што девизните резерви на Народната банка се на високо ниво и остануваат примарниот механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.
Разлика во однос на досегашната репо-линија
Досега Народна банка имаше пристап до репо-линија со максимален износ од 400 милиони евра, инструмент воспоставен за време на пандемијата на ковид-19 и последен пат продолжен до 31 јануари 2027 година. Зголемената репо-линија (ЕУРЕП) е пак траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат, што дополнително ја зацврстува заштитната мрежа за обезбедување ликвидност во евра во услови на пазарни нарушувања.
ЕУРЕП е создадена со цел да ја поддржи непречената примена на монетарната политика и обезбедува постојан пристап до ликвидност во евра за централни банки и монетарни власти надвор од еврозоната. Управувањето со инструментот го вршат пет национални централни банки под координација на Европската централна банка.
Со одобрувањето на пристапот до ЕУРЕП, Европската централна банка ја потврдува својата посветеност да обезбеди ликвидност во евра за централните банки надвор од еврозоната во периоди на пазарни предизвици и да ја поддржи праволиниската работа на финансиските пазари.
Фото: прес-материјал од настанот