Науру официјално го врати традиционалното име: Република Наоеро
Парламентот во мај го усвои уставниот амандман; претседателот вели дека референдум не е потребен бидејќи Наоеро веќе е идентитет на народот.

Пацифичката островска држава официјално го врати своето традиционално име и од сега ќе се вика Република Наоеро, откако парламентот во мај усвои уставен амандман за промена на името. Претседателот Дејвид Адеанг потврди дека е откажан планот за одржување национален референдум за ова прашање.
„Одлуката да не се организира референдум беше донесена по внимателно разгледување, бидејќи Наоеро не е ново име што треба да добие поддршка од народот. Тоа веќе е идентитетот на нашиот народ, се наоѓа на државниот грб, се користи во секојдневниот говор и е дозволено со Уставот“, изјави Адеанг.
Според новите одредби, краткото официјално име на државата ќе биде Наоеро, а нејзините жители ќе се нарекуваат деј-Наоеро. Владата ги известила меѓународните организации и други држави за измената, а процесот на транзиција е веќе во тек.
Произход и големина
Името Науру потекнува од периодот на европската колонија, кога домородното име Наоеро било изменето затоа што колонизаторите тешко го изговарале. Со околу 12.000 жители, Наоеро е третата најмала држава во светот, по Ватикан и Монако.
Домородниот јазик, познат како дорерин Наоеро, според УНЕСКО е класифициран како „сериозно загрозен“. Иако јазикот сè уште се користи меѓу населението, тој не беше дел од формалниот училиштен програм. Минатата година владата усвои закон со кој јазикот ќе биде вклучен во наставната програма во иднина.
Адеанг нагласи дека промената на името не е политички потег туку обид за зачувување на националното наследство. „Ова е обид да го зачуваме наследството на нашите предци и истовремено да ја зацврстиме иднината на нашите деца“, порача тој.
Фото: Aleksey Butenkov / Alamy / Alamy / Profimedia