Не фрлајте ги листовите од смоква — направете здрав и превкусен сируп
Листовите од смоква имаат ноти на кокос и ванила и лесно се претвораат во сируп кој се користи во пијалаци, десерти и солени јадења.

Сите ги знаеме слатките и сочни зрелки од смоква, но нејзините големи и мирисни листови најчесто завршуваат во отпад. Листовите од смоква, со специфична арома што потсетува на комбинација од свежи билки, кокос и ванила, со векови се употребувале во медитеранската кујна — ги збогатувале млечните јадења, давале арома при печење месо и риба и служеле за подготовка на чаеви и сирупи.
Освен гастрономската вредност, листот од смоква е богат со флавоноиди, антиоксиданси и други растителни соединенија кои народната медицина ги поврзува со неколку придобивки: помага во регулацијата на шеќерот во крвта, ја подобрува дигестијата и може да придонесе за заштита на срцето преку намалување на триглицеридите и поддршка на крвните садови и регулирање на крвниот притисок.
Совет при берење: најдобри се младите, здрави листови со интензивна зелена боја; собирајте ги во потоплите месеци кога во нив има најмногу природни сокови и етерични масла. Препорачливо е да ги берете заедно со рачката (петелката), бидејќи таа дава дополнителна полнота и интензитет на вкусот при готвењето.
Домашен сируп од листови од смоква — основна постапка
Потребни состојки: Околу 70 г свежи листови од смоква (заедно со рачките), вода (колку да се покријат листовите во тенџерето) и кафеав шеќер (околу 1 кг шеќер на 1 литар добиена течност). Исчистете ги добро листовите, ставете ги во тенџере со рачките и прелијте ги со толку вода што целосно ќе ги покрие.
Загрејте и варете додека водата не добие жолтеникаво-зелена боја и додека листовите не ја ослободат својата арома. Извадете ги листовите од течноста, додајте го кафеавиот шеќер во ароматичната база и варете на тивок оган додека сирупот не згусне и не добие мал сјај. Оставете да се излади, пресипете во стаклени шишиња и чувајте на ладно и темно место.
Примени во кујната: 1–2 лажици во ладна газирана вода, сок од лимон или лимета и мраз за домашна лимонада со тропска нота; како замена за едноставен шеќерен сируп во коктели со џин или бел рум; прелив за палачинки, пандишпан, чизкејк или овошни пити; топинг за сладолед; глазура за месо на скара за да добие карамелизирана кора; состојка во дресинг со маслиново масло и јаболков оцет; или за благо ароматизирање на чаеви.
Покрај сирупот, свежиот лист од смоква може да се искористи и како обвивка при печење риба, месо или сирење — го задржува внатрешниот сок и пренесува суптилна, но привлечна арома на јадењето.
Фото: прес-материјал од настанот