Почетна
Македонија

Нема свои простории, но од Градска: тетовската библиотека „Кочо Рацин“ стана Универзитетска

Промената на статусот е поздравена како поттик за високото образование во Тетово, но фондовите и просториите остануваат расфрлани додека објектот од 2014 не се доврши.

·Македонија
Нема свои простории, но од Градска: тетовската библиотека „Кочо Рацин“ стана Универзитетска

Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово доби статус на Универзитетска библиотека — промена која вработените ја оценуваат како унапредување на статусот, но институцијата сè уште нема свои постојани простории. Новиот објект наменет за библиотеката се гради од 2014 година и по 12 години не е функционален.

Во библиотеката велат дека промена на статусот е значаен чекор за Тетово како универзитетски центар и важен придонес кон унапредувањето на високото образование, науката и библиотечните услуги.

„Се добива со тоа што ќе се надградиме. Според законот за издаваштво, член 12 и 15, издавачките куќи треба да достават облигативни копии во библиотеките. Значи по автоматизам и нашата библиотека за секоја издадена книга ќе се достави по една копија“, изјави Бинас Пајазити, директор библиотеката „Кочо Рацин“.

Непостојани простории и складирање на фондовите

Библиотеката лани ја одбележа 80-годишнината од формирањето, но во текот на децениите трипати ги менувала просториите. Во моментов користи дел од Центарот за култура, а голем дел од книгите се чуваат во магацини.

Новиот објект, кој се наоѓа во непосредна близина, почна да се гради во 2014 година и сè уште не е профункциониран. Седат Сулејмани, министер за култура и туризам, изрази надеж дека ќе почне внатрешното уредување за да објектот може да служи и за библиотеката и за тетовскиот театар.

„Значи, при крај сме да кажувам со буџетот за 2027 година. Во преговори сме со Министерството за финансии и се надевам дека ќе одделиме доволно средства за оваа година да почне да се работи во библиотеката“, рече Седат Сулејмани.

Додека трае неизвесноста за стартот на работите, судски процес во Тетово поврзан со изградбата на новиот објект веќе втора година е во тек — четворица лица и едно правно лице се обвинети за повеќе кривични дела поврзани со проектот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи