Невладини: Под влијание на антиродови движења се блокираат законските измени за заштита од насилство врз жените
Граѓанските организации бараат итно усвојување на предлог‑измените поднесени во август кои предвидуваат отстранување на насилникот, заштита на децата и електронско следење.

Граѓанските организации повикаа на итно ставање на дневен ред и донесување на предлог‑измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои беа поднесени уште во август, но сè уште не добиле разгледување во Собранието.
Невладини: антиродовите движења го блокираат процесот
Според објаснувањата од прес‑конференцијата, предлог‑измениот беше подготвен во работна група иницирана од Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади по смртта на Ивана и нејзината ќерка Катја во скопско Тафталиџе во март. Процесот на подготовка, како што велат организаторите, завршил во јуни, а пратениците го поднеле во август, но три месеци подоцна тој не е ставен на точка на дневен ред.
„Ние како граѓански организации бевме поканети и се приклучивме на работната група. Процесот на подготовка на предлог‑измените заврши во јуни и беше договорено пратениците да го поднесат во Собранието за да се изгласа како итност за унапредување на системот на заштита, која се појави по трагедијата што се случи во март. Сега е ноември. По три месеци предлог‑измените сè уште не се ставени на точка на дневен ред и сè уште не е воопшто ниту отворена дискусија, а не, пак, да бидат усвоени. Од пратениците бараме ова да се случи во најитен можен рок затоа што тоа ќе придонесе кон едно подобрено постапување односно што се предлог‑измените“, изјави Елена Димушевска.
Димушевска ги наведе трите клучни измени: проширување на полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност, со можност сторителот да биде отстранет од домот; унапредување на заштитата на децата кои се директни или индиректни жртви, вклучувајќи и привремено ограничување на комуникацијата со родителот кој е вршител на насилството; и воведување можност за електронско следење на сторителите по изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата. Електронски алки за насилниците предвидува новото законско решение, најави и Тошковски.
Од денеска Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација прогласија мораториум на учество во сите протоколарни настани и симболични кампањи во рамките на „16 дена активизам против родово базирано насилство“, што почнува на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените (25 ноември) и трае до 10 декември. Како реакција, Димушевска посочи дека институциите често само декларативно учествуваат во кампањи, без системски промени.
За обезбедување соодветни сервиси Димушевска посочи дека е потребен национален, сеопфатен систем на специјализирани сервиси, за што Министерството за финансии треба да издвои најмалку 200 милиони денари во 2027 година. Според анализата на граѓанските организации, државата годишно треба да издвојува седум милиони евра за да обезбеди потребна заштита за жените и децата.
Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права оцени дека, освен неколку нови мерки, предложените измени не воведуваат многу што институциите претходно не можеле да го сторат, и нагласи дека справувањето со семејното насилство не може да успее ако не се адресира мотивот врз основа на род. „Бараме во сите фемициди и обиди за фемициди кои се случуваат надлежните институции да го испитаат постапувањето, да утврдат дали е направена соодветна проценка на ризик, дали е воопшто направена таква проценка и кој конкретно е одговорен и треба да одговара кривично за таквите пропусти“, рече Петковска.
Анализата на судските пресуди од периодот 2014–2024 (59 случаи на фемициди и обиди за фемицид) покажува дека во околу 90 отсто од случаите каде постојат податоци за претходно пријавено насилство, полицијата веќе била запознаена. Наодите укажуваат дека насилниците најчесто се сегашни или поранешни партнери, од најблиското опкружување, и најчесто немаат дијагностицирани ментални нарушувања. Особено загрижувачки е дека насилството често ескалира кога жртвата пријави или се обиде да го напушти домот.
Покрај итно усвојување на предлог‑измените, граѓанските организации побараа и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието да ги усвои заклучоците од надзорната расправа одржана во април, со конкретни рокови за постапување, бидејќи до денеска нема ниту нацрт‑заклучоци ниту усвоени препораки.
Фото: прес-материјал од настанот


