Почетна
Македонија

НВО: Институциите не постапуваат навремено, потребни итни законски измени за заштита на жените

Граѓанските мрежи повикуваат на ревизија на постапките на институциите, рокови за реализација и буџет за услуги.

·Македонија
НВО: Институциите не постапуваат навремено, потребни итни законски измени за заштита на жените

Три граѓански коалиции обвинија дека институциите не постапиле со потребната брзина и стручност во последните случаи на фемицид и побараа од пратениците итно да ги усвојат законските измени што, според нив, се неопходни за заштита на жените и превенција од понатамошни убиства.

Побарано преиспитување и утврдување одговорност

На денешниот брифинг и прес‑конференција Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост побараа преиспитување на постапувањето на институциите во последните случаи, утврдување одговорност за пропустите и итно усвојување на предложените измени.

Организациите посочија дека постојниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство обезбедува солидна основа, а предложените законски измени произлегле од проблемите во практичната примена. Измените биле подготвени во рамки на работна група иницирана од надлежните институции, во која биле вклучени и граѓански организации и правни експерти.

„Доколку институциите навремено постапуваа и правеа соодветни проценки на ризикот, немаше да се соочуваме со толкав број убиства на жени. Со предложените измени се прошируваат полициските овластувања во случаи на непосредна опасност, со задржување на судската контрола, се воведуваат дополнителни мерки за заштита на децата и се создава законска основа за воспоставување систем за електронско следење. Апелираме до пратеничките да покажат одговорност и да се сплотат околу усвојувањето на законските измени“, истакна Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

НВО‑ата предупредија дека антиродовите движења користат манипулативни аргументи за да го оспорат Уставот и да бараат отстранување на родот и родово базираното насилство од регулативата. Таквите толкувања, предупредуваат активистите, го претвораат домот во заштита за сторителите и го поткопуваат правото на живот без насилство.

„Предложените измени, со исклучок на неколку нови мерки, во најголем дел ги доуредуваат постојните законски одредби. Кога зборуваме само за семејно, а не и за родово базирано насилство, го препознаваме односот меѓу жртвата и сторителот, но не и мотивот за насилството. Наместо да се доведуваат во прашање постојните механизми за заштита, бараме транспарентност од институциите за тоа како постапуваат во овие случаи“, посочи Наташа Петковска од Платформата за родова еднаквост.

Како дополнителен проблем, активистите укажаа на уназадувањето во образовните закони: повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование ја ослаби улогата на училиштето во превенцијата. Истовремено, институционалната контрола се активира само по јавен аларм, а надзорните расправи често остануваат без конкретни заклучоци.

„Бараме заклучоците од надзорната расправа да содржат прецизни рокови за постапување на секоја надлежна институција. Заклучоците без рокови ќе останат само на хартија, без можност да го следиме нивното спроведување и да бараме одговорност. Не станува збор само за измени на еден закон, туку за пакет од осум закони чие унапредување е неопходно за воспоставување функционален систем за превенција и заштита од насилство“, истакна Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација.

Според пресметките на Националната мрежа, за воспоставување сеопфатен систем на специјализирани услуги на територијата на целата држава потребни се седум милиони евра годишно. Советувалиштата, засолништата, СОС линиите и упатните центри за жртви на сексуално насилство не смее да зависат од донаторска поддршка, туку за нивно функционирање треба да се обезбедат програмски средства од државниот буџет.

Поради континуираното непостапување на институциите и недостатокот на политичка волја за примена и унапредување на системот за превенција и заштита, организациите повикаа на мораториум на сите свечени настани поврзани со кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“ и повикаа институциите да ја покажат својата заложба преку конкретни одлуки, постапување, финансии и утврдување одговорност.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи