Почетна
Политика

Николоски: Државата ќе биде единствен организатор на онлајн игрите од 1 јануари; Мојсоска обвинува за „Мегавин“

Николоски најави построги ограничувања и државен субјект за онлајн коцкањето; Мојсоска тврди дека „Мегавин“ и договорите со MDD софт останале.

·Политика
Николоски: Државата ќе биде единствен организатор на онлајн игрите од 1 јануари; Мојсоска обвинува за „Мегавин“

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одговори на пратеничко прашање дека Владата останува на определбата за ограничување на игрите на среќа и дека од 1 јануари државата, преку „Државна лотарија“, ќе биде единствениот организатор на онлајн игрите на среќа и видеолотариските терминали (ВЛТ).

Опозициските обвинувања и повик за проверка

Надвор од говорницата, пратеничката на Левица Јована Мојсоска обвини дека Владата не го исполнувала ветувањето за укинување на платформата „Мегавин“ и посочи на, како што рече, спорни договори меѓу „Државна лотарија“ и бугарската компанија „МДД софт“.

Николоски изјави дека со измените на Законот за игрите на среќа се предвидуваат построги ограничувања за рекламирањето и за локациите каде што може да се организираат игрите, како и значително зголемување на давачките за приредувачите. Тој посочи дека законските измени почнуваат да се применуваат од 1 јануари, кога „Државна лотарија“ ќе настапува како единствен субјект преку кој ќе се организираат онлајн игрите и ВЛТ-терминалите.

Тој наведе дека по формирањето на актуелната влада биле укинати лиценците на три компании поврзани со организирање онлајн игри и платформата „Ту вин“, која беше дел од „Казино Австрија“ и системот на ВЛТ-терминали. Николоски оцени дека е потребна строга државна контрола за да се спречат нелегалните активности и концентрацијата на пазарот.

Тој ги повика надлежните институции, вклучително и Обвинителството, Финансовата полиција и Финансиското разузнавање, да ги проверат сите наводи кои се појавуваат во јавноста и се поврзуваат со оваа област. За тековните судски постапки тој рече: „Во тек е активна судска постапка против Артан Груби, Перпарим Бајрами и другите обвинети. Очекувам судот во ефикасна постапка да ја заврши оваа работа и одговорните да сносат одговорност за стореното“.

Од опозицијата, Мојсоска го праша Николоски дали неговата партија ќе бара разрешување на директорот на „Државна лотарија“, Александар Климовски, и затворање на „Мегавин“, или дали ќе продолжи да ги штити договорите со бугарската фирма што претходно ги означуваше како криминални.

Мојсоска ги истакна своите обвинувања: „Договорот за ‘Мегавин‘, кој ДПМНЕ во опозиција го нарекуваше партнерство со бугарската коцкарска мафија, не само што не е раскинат туку директорот Александар Климовски на 13 јуни 2025 година потпишал анекс со истата бугарска фирма 'МДД соф', застапувана од Денчо Ганев, поврзуван со коцкарскиот магнат Васил Бошков – Черепот“.

Таа додаде: „'Државна лотарија' не е приватна фирма на Александар Климовски, туку акционерско друштво во кое државата има удел. Нејзините средства не смеат да служат за партиски интереси, сомнителни деловни зделки и профитирање на коцкарската индустрија на грбот на граѓаните“.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи