Почетна
Политика

Николоски: Се размислува за електронска наплата на патарините, прво на Кичево–Охрид

Министерот го најави моделот за наплата по километар и работата на државен национален податочен центар.

·Политика
Николоски: Се размислува за електронска наплата на патарините, прво на Кичево–Охрид

Министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека се размислува за воведување електронска наплата на патарините, која првично би се применила на новиот автопат Кичево – Охрид, кој се очекува целосно да биде пуштен во мај идната година.

На 21. конференција на МАСИТ посветена на вештачката интелигенција, Николоски рече дека ќе се побара експертска помош за изработка на законот и дека се размислува наплатата да биде по изминат километар.

Како ќе се применува моделот и што следува

Министерот оцени дека наплатата по километар ќе овозможи побрз проток на возилата, поевтина намена за оние што ги користат автопатите и поголема сигурност за намалување на сообраќајните незгоди. Тој кажа дека вчера имал средба со новиот претседател на Европската транспортна заедница и дека ќе се користи нивната експертиза при изработката на законот.

„Хрватска во регионов се обидува да го примени овој систем, но сè уште го нема почнато. Во моментов почнува примената на обиколницата на Белград и тоа е горе-долу сè што можеме да видиме во регионот. Затоа ни е потребно искуство од понапредни европски држави и затоа сметав дека е корисно да го поканам, да ја презентираме нашата идеја и да вклучиме експерти од Европската транспортна заедница кои што заедно со нашите експерти ќе работат на овој закон“, рече Николоски.

Тој се надева дека во декември ќе може да се презентираат нацрт‑законот. Како недостаток на сегашниот систем министерот посочи дека иста сума плаќаат возачи кои поминуваат многу кратки, но и многу долги дистанци, што според него не е праведно.

„Нашата идеја е да се наплаќа по километар, што ќе биде многу поправедно од ова што се случува сега, затоа што сега теоретски, ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица, и ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна повторно плаќате 100 денари, што за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно. И затоа сметаме дека треба да се наплаќа по поминат километар, што сериозно ќе ја намали цената“, додаде тој.

Николоски посочи дека моделот прво би бил воведен на Кичево–Охрид, а подоцна и на други автопати што се градат или планирани, меѓу кои Прилеп–Битола, Букојчани–Гостивар, Гостивар–Тетово и Кичево–Букојчани.

Во делот на дигиталниот развој министерот нагласи дека инвестициите во податочни центри носат економски ефекти и дека веќе се направени измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење за да се овозможи развој на такви капацитети.

„Во таа насока, веќе заедно со Министерството за дигитална трансформација работиме на развој на првиот државен национален податочен центар. Веќе ги поминавме сите сериозни одлуки како влада и двете министерства веќе работат на урбанизација на просторот и завршување на правната рамка, по што ќе следи инвестицијата што ќе е една државна потврда и еден државен показател каде треба да се развиваат работите, а се надевам дека за брзо време ќе можеме да го имаме како инвестиција и првиот приватен податочен поголем центар“, изјави Николоски.

Тој упати повик до бизнис‑секторот да достави идеи за заедничка поддршка. Дополнително, министерот информира дека воведувањето на интелигентни транспортни системи (ИТС) е дел од обврските кон Европската Унија во рамките на Планот за раст и дека пет закони од оваа област се на финална консултација во Брисел.

Според најавите, се очекува имплементација на ИТС на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, а потоа следува работа на Коридорот 8. За железницата, пет закони се на јавна консултација во рамки на системот ЕНЕР, а за проектот за брза пруга на Коридорот 10 е донесена одлука да се примени системот EMTC S2 со цел да се минимизира човечкиот фактор и да се подигне нивото на безбедност. Николоски рече и дека се работи на национален едношалтерски систем и на нов систем за дигитализација на наплатата на патната такса.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи