Почетна
Политика

Николоски: Македонските превозници осум месеци се во неизвесност, бараме договори за долгорочни визи

Николоски рече дека Северна Македонија има договори со Хрватска и Словенија и дека се преговара за слични решенија со Австрија.

·Политика
Николоски: Македонските превозници осум месеци се во неизвесност, бараме договори за долгорочни визи

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред австриски стопанственици на бизнис‑форум во Стопанската комора рече дека македонските превозници веќе осум месеци се во неизвесност и дека проблемот треба итно да се надмине.

Николоски предупреди дека разговорите се бесцелни ако нема практичен начин за сигурно и ефикасно испраќање стока меѓу Македонија и Австрија. "Можеме овде да зборуваме што сакаме, но ако нема начин како добро да ја изнесеме стоката од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, бесполезно разговараме", рече Николоски.

Како решение, тој предложи склучување билатерални договори со членките на Шенген‑зоната, со кои професионалните македонски возачи би добивале долгорочни визи. Посочи дека Северна Македонија веќе има такви договори со Хрватска и Словенија, а се водат разговори и со други држави.

"Веќе имаме таков договор со Хрватска, веќе имаме таков договор со Словенија. Разговараме сега со уште неколку други држави и ве замолувам да разговарате со соодветните институции и власти за да постигнеме таков договор и со Австрија", истакна Николоски.

Министерот објасни дека прашањето е особено важно затоа што македонските транспортни компании користат повеќе различни рути низ Европа: една од главните води преку Унгарија, Австрија и Германија, друга преку Хрватска и Словенија кон Германија, а дел од превозниците продолжуваат кон Франција и Обединетото Кралство — кое Николоски го наведе како втор најголем трговски партнер.

Тој додаде дека доколку возач добие долгорочна виза од една земја од Шенген‑зоната, тоа овозможува движење низ целиот Шенген. Не прецизираше рок за договор со Австрија, но оцени дека интензивната комуникација може наскоро да донесе конкретни резултати. "Не би сакал да давам рок, меѓутоа мислам дека за многу брзо време ќе можеме да излеземе со убави вести", рече тој.

Николоски исто така посочи дека камионџиите го откажале протестот во последен момент откако добиле ново ветување од Европската унија.

Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Поврзани написи