Николоски најавува експресен пат од Радовиш до границата со Бугарија
Распишана е постапка за проектантска куќа; студиите треба да завршат за 6–9 месеци, рок за понуди 8 октомври

До 8 октомври е отворен рокот за пријавување понуди за избор на проектантска куќа која ќе ги изработи сите потребни документи за планиран експресен пат од Радовиш до границата со Бугарија, соопшти денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Маршрута, рокови и финансирање
Според Николоски, замислениот трасор ќе поминува од Радовиш преку Струмица и Ново Село до границата со Република Бугарија, а распишаната постапка е за куќа што ќе работи на предпроектна документација, еколошки и социјални студии и физибилити студија.
„Нашата идеја е да се изгради експресен пат кој што ќе оди од Радовиш преку Струмица, Ново Село, па сѐ до граница со Бугарија и на тој начин да имаме уште едно поврзување коешто е автопатско или со експресен пат со Република Бугарија.“
Тој посочи дека рокот за доставување понуди е до 8 октомври, по што се очекува да бидe избран изведувачот.
„Во рок од 6 до 9 месеци да се завршат студиите и после тоа одиме на тендерирање. Она што сакам да кажам е дека ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. ЈПДП е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект. Така што, еве нека не е ветено, но ако сѐ оди добро и имаме добра постапка за избор, сега прво на консултантска куќа, а после тоа на изведувач, очекувам до есента веќе да ги започнеме градежните активности на терен, што, како што кажав, ќе значи многу. И да напоменам дека нема да одиме само до Струмица, туку ќе одиме до граница со Бугарија,“
нагласи Николоски, додавајќи дека државното претпријатие ќе ги покрие првичните трошоци и дека, доколку процедурите течат според план, на терен би можеле да почнат работите уште оваа есен.
Фото: Министерство за транспорт и врски


