Почетна
Македонија

Нов ребаланс, но и нов долг – државата се задолжи за 150 милиони евра

Владата го прифати вториот ребаланс: приходи и расходи скратени, а земјата издаде мини еврообврзница за 150 милиони евра.

·Македонија
Нов ребаланс, но и нов долг – државата се задолжи за 150 милиони евра

Владата направи второ преуредување на државниот буџет годинава, а паралелно беше одобрено и ново задолжување во висина од 150 милиони евра, соопшти Министерството за финансии. Во ребалансот приходите и расходите се скратени за над 86 милиони евра, додека државата истовремено се задолжува преку т.н. мини еврообврзница.

Задолжување, кратења и крајногодишен план

Со новиот ребаланс планот е до крајот на годината да се приберат вкупно 6 милијарди евра. Расходите пак сега се проектираат на 6, 8 милиони евра. Во пакетот се кратат капиталните инвестиции и се намалуваат средства за Министерството за животна средина, за Управата за извршување на санкции (односно за изградба на објекти во затворскиот систем) и за делови од Министерството за финансии.

Некои плаќања на Министерството за енергетика во странство засега нема да се реализираат. Во меѓувреме Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Министерството за социјала добија зголемени средства. Надлежните најавуваат дека можеби ќе следи уште една проверка на државната каса пред крајот на годината.

„Најверојатно ќе има прераспределба некаде во декември при што тие средства што не се искористени во тие институции ќе можеме да ги пренамениме таму каде што има потреба, а тоа е од Собранието,“ изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Две дена претходно падна одлука за ново задолжување од 150 милиони евра преку таканаречена мини еврообврзница, со каматна стапка од 5,25 отсто за враќање на надворешен долг. Кочоска изјави дека тоа е во рамки на планот и дека сумата требало да биде поголема, но поради условите на пазарот се одело со помал износ.

Според надлежните, овие пари се потребни за камата и главница: каматата е некаде 100 милиони евра за исплата до крајот на годината, а 53 до 54 милиони евра некаде е главницата. До крајот на годината се предвидени и други задолжувања кои беа вклучени уште во првиот ребаланс, додаде министерката.

Ребалансот не го менува дефицитот — тој останува нешто над 750 милиони евра. Најголемиот дел од дефицитот беше потрошен уште во првиот квартал. Иако неизвесноста поради глобалните случувања е голема, министерката Кочоска не очекува промени во проекцијата за растот на БДП, кој останува на 3,5%, а за инфлацијата очекувањата се дека ќе биде 3,8%, иако првично беше проектирана многу повисоко. Уверувањата се дека кај јавниот долг нема да има корекции.

За справување со ценовните притисоци се интервенира преку намалена акциза и ДДВ за дизелот. Засега не се разговарало за нови мерки, но можностите за дополнителни чекори се ограничени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи