Нова антикорупциска стратегија останува во чекалница — се бара Собранието да ја контролира Владата
Документот е доставен во Собранието на 19‑ти јуни, но не беше разгледан пред летниот одмор; стратегијата бара Парламентот активно да ја надгледува примената на мерките.

На 19-ти јуни во Собранието беше доставена Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, но пратениците не ја разгледаа ниту ја изгласаа пред летниот одмор, оставајќи ја земјата без активен антикорупциски план.
Во стратегијата јавните набавки се препознаени како главна хоризонтална област со ризик од злоупотреби и се нагласува потребата од јавност и транспарентност при подготовка на закони за стратешки проекти. И покрај тоа, по приемот на документот, група пратеници од владеачкото мнозинство поднесоа предлог за Закон за Скопје 2028 за кој, според предлог‑текстот, нема да важи Законот за јавни набавки.
Стратегијата предлага таквите исклучоци да се уредуваат преку нов Закон за капитални инвестиции со транспарентна постапка и јавно објавени документи, а не да се крие информацијата како деловна тајна, како што беше практиката во проекти како Коридори 8 и 10 или патот Кичево‑Охрид. Во документот се посочува и потребата од ефикасен надзор над големите проекти и се укажува дека властите често го избегнуваат надзорот со недавање доволни средства за контрола.
Што вели стратегијата за надзорот
"Иако законски, контролата при реализацијата на јавните инвестиции е задолжителна, заради политички вмешувања и други влијание оваа контрола е нефункционална. Прв проблем е што при самото буџетирање на јавните инвестиции не се планираат соодветни средства за надзор, поради што и самиот квалитет на надзорот се доведува во прашање. Многу често иако контролата ќе покаже недостатоци во реализацијата на јавните инвестиции, не се преземаат никакви мерки за отстранување на тие недостатоци, стои во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030."
Јавните набавки, според документот, остануваат најсомнителната област — преку местење, договарање и злоупотреби на електронските аукции — и се предлага заострување на Кривичниот законик за ефективно санкционирање. Експертите предупредуваат дека стратегијата не смее да остане само писмен документ без спроведување.
Антикорупциската државна комисија преку стратегијата бара Собранието не само да ја донесе туку и да ја контролира извршната власт и начинот на спроведување на мерките.
"Во пракса, Собранието релативно помалку ја користи надзорната во однос на регулаторната функција, поради што отсуствува политичката контрола над извршната власт. Тоа најдобро се гледа и во реализацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата 2021-2025 која има релативно низок степен на реализација на мерките и активностите, кои во најголем процент беа предвидени за носителите на извршната власт при што Собранието не презеде активности во рамките на својата надзорна функција, се вели во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030."
Претходната стратегија истече лани; новата, кога ќе биде изгласана, ќе важи до 2030 година и меѓу појдовните предлози е ДКСК да иницира развој на АИ‑алатки што ќе помагаат во борбата против корупцијата.
Автор: Миомир Серафиновиќ
Фото: прес-материјал од настанот