ЗНАМ наскоро добива заменик-министер во Владата
Димитриевски вети дека владината позиција ќе ја соопшти мандатарот и очекува објава до крајот на месецот.

Движењето ЗНАМ ќе добие уште едно место во Владата, односно заменик-министер, најави лидерот Максим Димитриевски на денешниот отчет за работата на избраните и именуваните функционери од движењето.
„Разговараме за неколку ресори не би сакал во моментов да шпекулирам, секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по таа тема“, изјави Димитриевски.
Критики и реакции
Од СДСМ одговорија со остра критика, обвинувајќи го ЗНАМ дека прво ја предале партијата и гласачите и дека се сателит на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО‑ДПМНЕ. Во соопштението СДСМ порача: „ ЗНАМ се роди како проект на Мицкоски. Да ја урне СДСМ одвнатре. Луѓе кои прво ја предадоа својата партија, а потоа ги предадоа и гласачите кои поверуваа во приказната за реформа во СДСМ. Влегоа во власта. Станаа дел од организирана криминална група ВМРО. Станаа дел од бандата. Сателити. Глас во Собрание. Столче во институција. Тендер во општина. Тендер во Пошта. Резултатите ги знае народот. Максо прво ги продаде гласачите, потоа Македонија."
Димитриевски, пак, истакна дека во изминатите две години откако се дел од владината коалиција функционерите на ЗНАМ немаат дамки во работењето: „ Зад ЗНАМ иако е тешко да се поверува бидејќи навиките вомопштеството се такви, нема ни една афера и нулта корупција и тоа претставено директно преку нашите претставници во извршната власт. Што се однесува до нашите приоритети, тоа е подобрување на социо-економскиот живот на нашите граѓани, правда за сите и еднаквост на сите пред законите во Македонија" , додаде Димитриевски.
По реконструкцијата на Владата не беа назначени заменици‑министри за социјална политика, демографија и млади, како и за култура и туризам, што остава простор за преговори за тоа кој ресор ќе им припадне на ЗНАМ.
Во Владата, ЗНАМ веќе има две министерски места: за администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Фото: прес-материјал од настанот


