Нова истрага против газдата на „Пулс“, се сомничи дека дал поткуп за лиценца
Јованов е осомничен дека платил службено лице во Министерството за економија за да добие лиценца за угостителство; суд ќе одлучува за притвор.

Газдата на кочанската дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, е предмет на нова истрага бидејќи обвинителството сомничи дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му се обезбеди лиценца за угостителска дејност, иако за таа лиценца не поднел барање, а објектот не ги исполнувал законските услови.
Ново обвинение за давање поткуп
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против едно лице за кривичното дело давање поткуп, за кое е предвидена казна затвор од една до десет години. Според обелоденетото, осомничениот дал поткуп на службено лице од Министерството за економија за незаконски да му се обезбеди лиценца за угостителскиот објект.
Јованов веќе се наоѓа во притвор како обвинет во постапката за тешки дела против општата сигурност поврзани со пожарот во „Пулс“. Бидејќи за тој предмет истекуваат законските рокови за мерката за обезбедување, обвинителството сега поднесе предлог за продолжување на притворот и во новоотворената истрага за поткуп.
Како основание за предлогот се наведува опасност од бегство, како и фактот дека против осомничениот веќе се води друга кривична постапка. Предлогот за притвор попладнево беше доставен до Основниот кривичен суд во Скопје.
Јованов утре во 10 часот треба да биде изведен пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучува по барањето на обвинителството. Адвокатката на Дејан Јованов Деко, Ивана Коцевска, претходно потврди дека "е точна информацијата дека утре треба да биде изведен пред судија на претходна постапка," но рече дека не знае за каква истрага се работи и го толкува тоа само како притисок "да има ефективен притвор за нејзиниот клиент по секоја цена."
Службеното лице кое, според обвинителството, го примило поткупот од Деко веќе е обвинето и против него се води судска постапка за примање поткуп.
Фото: прес-материјал од настанот


