Почетна
Македонија

ОБСЕ позитивно го оценува обвинителството во постапките за организиран криминал и корупција

Извештајот од Будва ги пофалува транспарентноста и планирањето на судењата, но укажува на потреба од повеќе луѓе и пари.

·Македонија
ОБСЕ позитивно го оценува обвинителството во постапките за организиран криминал и корупција

На регионалната конференција на ОБСЕ во Будва, Црна Гора беше претставен извештајот за набљудување на судските постапки во Западен Балкан, на која учествуваа јавниот обвинител Елвин Вели, претседателот на Советот на јавните обвинители Башким Бесими и јавната обвинителка од ОЈОГОКК Наташа Поп Трајкова, на покана на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Извештајот го пофалува нивото на транспарентност, но посочува и недостиг на ресурси

Во извештајот се дава висок рејтинг за транспарентноста на постапките од висок јавен интерес во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во споредба со другите земји од регионот и се нагласува видлива посветеност кон воспоставување стратешки рамки за поголема отвореност и отчетност. Посебно се пофалува усвојувањето на комуникациската стратегија како чекор кон зајакнување на довербата на јавноста и кон попроактивна и попрофесионална комуникација.

"- Од аспект на обвинителството, се појавија одредени позитивни практики во однос на ефективното изведување на доказите и постапувањето пред судот. Во неколку предмети, јавните обвинители активно учествуваа во планирањето на судењата, предлагаа реални распореди за изведување на доказите и преземаа одговорност за повикување на сопствените сведоци - нотира извештајот, препорачувајќи ваквите позитивни чекори доследно да продолжат да се применувааат "

ОБСЕ, исто така, ја истакнува работата преку Здружението на јавните обвинители во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, насочена кон подобрување на квалитетот на обвиненијата. Во извештајот се наведува дека и Државното јавно обвинителство ги поддржало овие иницијативи, со посебно внимание на унапредување на изведувањето на доказите пред судот и на зајакнување на ефективноста на обвинителите во текот на судењата.

"- Државното јавно обвинителство, исто така, ги поддржа овие иницијативи, со посебно внимание на подобрувањето на изведувањето на доказите пред судот и зајакнувањето на ефективноста на јавните обвинители во текот на судењата - стои во извештајот."

Како позитивен исчекор се наведува и изготвувањето на нови прописи за надзор над работата на јавните обвинителства и за оценување на работењето на обвинителите — иницијатива финансирана преку Проектот за владеење на правото поддржан од Европската Унија, чија цел е усогласување на внатрешните правилници и воспоставување појасни механизми за надзор и професионална оценка.

Во истиот извештај се посочуваат и недоволните човечки и финансиски ресурси како еден од клучните предуслови за дополнително зголемување на ефикасноста. "- Се чини дека ова е едно од најкритичните прашања што бара паралелен пристап: континуирани напори од страна на обвинителството за подобрување на ефикасноста, во комбинација со соодветна институционална поддршка и обезбедување ресурси. Решавањето на двата аспекта е неопходно за да се прекине кругот во кој се очекува подобрување на ефикасноста пред да се обезбедат дополнителни ресурси, додека јавните обвинители сметаат дека дополнителните ресурси се неопходни за постигнување поголема ефикасност - стои во извештајот на ОБСЕ."

Во рамките на проектот, во земјава беа набљудувани најмногу предмети во споредба со останатите земји во регионот: 16 предмети за кривични дела од организиран криминал и 56 предмети од областа на корупцијата. Проектот ја оценува ефикасноста на правосудството преку три меѓусебно поврзани аспекти: капацитети, правичност и ефикасност. Јавното обвинителство, исто така, ги зајакнува практиките за редовна комуникација со јавноста преку објавување соопштенија, резимеа и организирање брифинзи за случаите опфатени од проектот, кој го спроведува ОБСЕ со финансиска поддршка од Европската Унија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи