Обвинение против шест лица, меѓу нив вработена во МВР, за фалсификување возачки дозволи
Обвинението тврди дека помлад советник во Одделението за управни работи ги менувала дозволите од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжени кривични дела – фалсификување исправа, согласно член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како првообвинета е опфатена вработена во Министерството за внатрешни работи која работела како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје. Според обвинението, таа во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година во повеќе наврати ги користела своите шифри и преправала возачки дозволи, при што внесувала дополнителни категории.
Возачи, посредници и користење на фалсификати
Останатите петмина обвинети се возачи кои, иако биле свесни дека немаат положено испити за категориите C и D, во договор со првообвинетата поднесувале барања за издавање возачки дозволи каде биле внесувани дополнителни категории.
Според одговорите во обвинението, фалсификуваните исправи подоцна се користеле за аплицирање и добивање сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки. Со такви документи обвинетите во повеќе наврати управувале автобуси или товарни возила во меѓународниот сообраќај.
За тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР, јавниот обвинител побара продолжување на претходно определената мерка притвор. За останатите тројца обвинети, кои во моментот се недостапни за органите на прогонот, е предложено да им се определи мерка притвор веднаш по нивното пронаоѓање, а постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство.
Во рамки на истиот предмет обвинителството продолжува да обезбедува докази против уште 21 лице кои се осомничени дека биле посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи. Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека истрагата за евентуални други злоупотреби поврзани со случајот продолжува.
Фото: прес-материјал од настанот


