Обвинителството: еден осомничен за тероризам, двајца за неовластено поседување оружје
По вчерашната акција во Ченто и други локации приведени пет лица; пронајдени автоматско оружје, знамиња на ИСИС и компјутери за копање крипто валути.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека едно лице е осомничено за тероризам, додека уште двајца се осомничени за неовластено поседување оружје по вчерашната акција.
Како првоосомничен е наведено лице кое живее во населбата Ченто. Надлежните извршија претреси во околу 10-тина објекти и при првичните мерки привеле пет лица.
При претресите беа пронајдени повеќе парчиња автоматско оружје, пиштоли, ножеви, знамиња на ИСИС и компјутери за копање крипто валути. Обвинителството истражува и дали припадниците на групата се занимавале со лихварство, нелегална трговија и други насилни дела.
Наредбата за спроведување истражна постапка, наведува Обвинителството, се темели на докази собрани во претходно спроведена предистражна постапка, на документација и докази од предмет кој е во фаза на судење, како и на докази обезбедени преку меѓународна правна помош. За осомничените е побаран 30-дневен притвор.
Анб и полицијата во акција
Во акцијата, која ја водеше Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, учествуваа и тајната служба АНБ и полицијата. Обвинителите ги објавија овие првични податоци додека истрагата продолжува.
Фото: прес-материјал од настанот


