Од 1 декември: матичниот лекар ќе одобрува боледување до 5 дена
Правилникот на ФЗОМ ги скратува директните одобренија од 7 на 5 дена и воведува појасни правила, електронски извештаи и зголемена контрола.

Од 1 декември стапуваат на сила измените во Правилникот за утврдување привремена спреченост за работа на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Со нив се менуваат надлежностите на матичните лекари и постапките за одобрување подолго отсуство од работа.
Највидлива промена е дека матичниот лекар повеќе нема да издава боледување до 7 дена, туку до 5 дена; за боледувања подолги од пет дена ќе бидат потребни соодветни дијагностички испитувања и известување од специјалист, а за отсуство над 15 дена одлучува лекарска комисија при Фондот.
Како ќе се применуваат новите правила
Од ФЗОМ нагласуваат дека со измените не се скратува правото на боледување ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба.
Во образложението на Фондот стои: "Доколку осигуреникот има потреба од понатамошна континуирана привремена спреченост за работа со иста дијагноза или со дијагноза од иста група, по истекот на последниот ден од претходно утврдениот период на спреченост за работа, избраниот лекар е должен да го упати осигуреникот на надлежната лекарска комисија. Во таков случај, избраниот лекар доставува нов предлог за оценување на привремената спреченост за работа, во кој се наведува истиот прв ден на спреченост за работа. Поврзаноста на дијагнозите се утврдува врз основа на медицинска проценка, медицинската документација и соодветната класификација на болестите, а не врз основа на произволна административна оценка. На овој начин се обезбедува континуитет во медицинското оценување и доследна примена на критериумите, без да се доведе во прашање правото на осигуреникот на боледување кога за тоа постојат медицински оправдани причини", велат од ФЗОМ.
Во пракса, матичните лекари ги сумираа најважните правила за пациентите: до 5 дена — боледувањето го одобрува матичниот лекар; над 5 дена — потребни се дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за боледување и времетраење; над 15 дена — неопходно е одобрување од лекарска комисија на ФЗОМ. Боледувањето ќе се евидентира од денот на прегледот или од наредниот ден; ретроактивно отворање е возможно најмногу еден ден наназад во оправдани случаи. Затворањето се бележи на последниот ден од одобрениот период или најдоцна еден ден подоцна.
Правилникот предвидува и електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа за да се намалат административните постапки, појаснува случаи кога не е неопходно лично присуство на осигуреникот (на пример, неподвижност или болничко лекување) и поделува појасни критериуми за ретроактивно утврдување и оценување на медицинската документација. Во објавеното образложение се вели: "Покрај попрецизното уредување на критериумите, измените предвидуваат и повеќе олеснувања за осигурениците, меѓу кои: електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа (ПСР), со што се намалува потребата од дополнителни административни постапки. Попрецизно уредување на случаите во кои не е неопходно лично присуство на осигуреникот, како што се неподвижност, болничко лекување и други предвидени исклучоци. Појасни правила за ретроактивно утврдување на привремена спреченост за работа во определени медицински оправдани случаи. Појасни критериуми и постапки за оценување на медицинската документација", велат од ФЗО.
Дополнително, во правилникот е предвидена зголемена контрола на лекувањата во странство и на боледувањата над 30 дена. Ревизорите потсетуваат дека германска болница има 21 тужба против Фондот и бара над 430 илјади евра. Според податоците на Фондот, во 2025 боледувањата до 30 дена се зголемени за 33 отсто во споредба со 2021, порача Клековски. Тој додаде и дека во примерок од 514 боледувања во МВР злоупотреба има кај секое петто.
Осигурениците кои не се задоволни од оценката на матичниот лекар или од одлуката на првостепената лекарска комисија можат да поднесат приговор до надлежната првостепена или второстепена лекарска комисија. Матичните лекари, соопштија од Фондот, ќе можат и во оправдани случаи да издадат приоритетен упат без закажан термин за побрз пристап до потребен специјалистички преглед.
Фото: К. Попов)


