Почетна
Македонија

Од паднатите дрвја на Водно ќе се изработи моторички парк

Здравите делови од паднатите дрвја на Водно ќе се реупотребат за моторички парк; поголемата дрвна маса ќе се складира, обработи и дел ќе се додели како огрев за социјално ранливи семејства.

·Македонија
Од паднатите дрвја на Водно ќе се изработи моторички парк

Повеќе од две недели по силното невреме кое го зафати Скопје и собори стотици дрвја, активностите за расчистување и натаму траат, а Градот дел од дрвната маса ја користи за нови јавни содржини на Водно.

Од Град Скопје велат дека здравите делови од соборените дрвја нема да завршат како отпад, туку ќе се користат за изработка на моторички парк на Водно — простор со природни дрвени пречки и реквизити наменет за развој на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.

Моторичкиот парк ќе биде достапен за деца, млади и возрасни и ќе нуди можности за рекреација, физичка активност и дружење на отворено. Паралелно, на местата каде што се отстранети паднатите дрвја се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември предвидена е и голема есенска акција за пошумување на Скопје.

Каде ќе се однесува и како ќе се користи дрвната маса

„Според воспоставената практика, останатата дрвна маса ќе им биде доделена на социјално ранливи категории граѓани, кои ќе можат да ја искористат како огревно дрво, во соработка со Црвениот крст и со невладината хуманитарна организација „Св. Спас“. Со ова, покрај расчистувањето на последиците од невремето, дрвната маса добива корисна намена и претставува поддршка за семејствата на кои им е најпотребна,“ посочија неодамна од Градот.

По расчистувањето, паднатите лисја, ситните гранки и останатиот растителен отпад ќе се транспортираат на депонијата Дрисла, додека поголемите стебла и дрвната маса ќе се носат во ЈП „Паркови и зеленило“, каде ќе се складираат и ќе се подготвуваат за понатамошна намена. Од нив се планираат да се изработуваат летниковци за Водно, урбана опрема, клупи и огради; дел од урнатите стебла ќе се користат како огрев.

Досега нема информација дали некои семејства од ризичните категории веќе добиле дрва за огрев. Проектот е дел од пошироките активности за обнова и унапредување на Водно, по започнатото уредување на пешачките патеки и обнова на урбаната опрема, а на Водно и Матка веќе функционира планинска спасувачка служба за брзи и професионални интервенции во планински услови.

Фото: Град Скопје

Поврзани написи