Од патарина инкасирани 1.919.775.277 денари во првите шест месеци
ЈПДП: Рекордна наплата од 1.919.775.277 денари во првите шест месеци, електронската наплата расте поради поширока достапност на MTag уредите.

Од почетокот на годинава до јуни, од наплата на патарина инкасирани се рекордни 1.919.775.277 денари (над 31 милиони евра), што е за 21.891.532 денари повеќе во однос на истиот период во 2025 година, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Најфреквентна наплатна станица по број на возила е Тетово, по која следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.
Каде се остварува најмногу приход
Според собраните средства и цената на билетите, највисоки приходи бележи Романовце, по што следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.
„Јавното претприитијатие за државни патишта секогаш кога има зголемен обем на сообраќај на наплатните станици, а посебно во летна сезона, Одделението за наплата на патарина прави акционен план (распоред) кадешто на секоја наплатна станица на двата коридори, се пуштаат во функција сите расположливи ленти, секако подеднакво се дава и приоритет на електронска наплата на патарина (ЕНП) на MTag каде најмалку една лента е секогаш во функција - тоа се возила кои поминуваат без да застанат, и на електронска наплата на патарина MCard-тоа се возила кои немаат контакт со вработен т.е. бесконтактно поминување - велат од ЈПДП.“
Учеството на електронската наплата во вкупниот промет на наплата изнесува 36 проценти на 11 наплатни станици каде ЕНП е воведена. Од ЈПДП посочуваат дека податоците за продажбата и надополнувањето на електронските уреди покажуваат зголемување на електронската наплата за 6 процентни поени откако MTag уредите станаа достапни и во продажните мрежи на операторите.
Од мај годинава MTag уредите може да се купат и во продажните салони на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, додека претходно беа достапни само преку ЈПДП или на наплатната станица Петровец. Раководството на ЈПДП исто така информира дека се работи на студија за воведување на затворен модел на наплата по поминати километри, слично на системот во Србија, за Коридор 8.
За целата мината година (заклучно со 23 декември) прометот од наплата на патарини изнесуваше 4.158.914.362 денари (67.624.624 евра).
Фото: прес-материјал од настанот