Одбележани 116 години од раѓањето на Мајка Тереза
Централниот настан е во Музејот на современата уметност; се очекува присуство на косовскиот премиер Албин Курти.

Со низа настани во Скопје денеска се одбележуваат 116 години од раѓањето на Мајка Тереза; централниот настан е закажан во Музејот на современата уметност, каде што се очекува да присуствува и косовскиот премиер Албин Курти.
Владина делегација предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали ќе положи цвеќе пред спомен‑плочата на родната куќа на Мајка Тереза во центарот на Скопје, во близина на денешниот плоштад „Македонија“.
„Денови на Света Мајка Тереза“ и 10‑годишнина од канонизацијата
Со свечено отворање кај Порта Македонија започна и манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, која ќе трае до 5 септември по повод 10‑годишнината од нејзината канонизација. Во рамките на програмата се предвидени духовни, културни и хуманитарни настани: концерти, поетска вечер, изложби и посети на ранливи семејства.
Централниот дел од програмата ќе биде одбележан со света Литургија на 5 септември во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, со учество на домашни и гости‑бискупи.
Мајка Тереза е родена како Гонџа Агнес Бојаџиу во Скопје на 26 август 1910 година, како трето дете во римокатоличкото семејство Бојаџиу. Еден ден по раѓањето, на 27 август, била крстена во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. На 18‑годишна возраст ја напуштила Македонија, прво заминувајќи во Ирска, а потоа во Калкута, Индија, каде што му го посвети животот на служба на сиромашните и на најранливите.
Нејзината работа против сиромаштијата, гладот, болестите и страдањето ја направи една од најпознатите хуманитарки на 20‑тиот век. Таа го основа католичкиот ред „Мисионерки на љубовта“ во Калкута, кој денес брои илјадници сестри во стотици мисии низ светот, со училишта, народни кујни, прифатилишта и установи за згрижување на сиромашни и болни. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута на 87‑годишна возраст.
Две години по нејзината смрт папата Јован Павле Втори ја започна диоцезиската фаза од процесот за нејзина беатификација; таа беше прогласена за блажена во 2003 година. На 17 декември 2015 година папата Франциск го одобри второто чудо потребно за нејзината канонизација, а Мајка Тереза беше прогласена за светица на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Во 1980 година таа беше прогласена за почесен граѓанин на Скопје.
Фото: Принтскрин