Омбудсманот и Транспаренси реагираат за загадената вода во Гостивар, Влада и обвинителство молчат
Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива, побара документи од општината, Комуналец и здравствените институции; одговори од владата и обвинителството се сé уште ограничени.

Народниот правобранител и невладините реагираат поради загадувањето на водата во Гостивар. Омбудсманот формираше предмет по сопствена иницијатива за да се утврдат сите околности и евентуалните нарушувања на правата на гостиварци и побарал информации од Општината и од Комуналец Гостивар, од Институтот за јавно здравје и од Центарот за јавно здравје Тетово; првичните информации беа добиени дури вчера.
„Меѓутоа истите не се целосни, бидејќи не ги содржат сите релевантни податоци и околности во врска со проблемот за загадувањето на водата.Од тие причини денес Народниот првобранител ќе се обрати и до други надлеж инститиции, со цел да се добијат конкретни информации“, велат од Народниот правобранител.
Влада и обвинителство не даваат детали
Телма се обиде да постави прашања до Владата дали, освен со вода за пиење набавена од фирмата на градоначалникот на Кавадарци, ќе им помогне на гостиварци и на друг начин, но не доби одговор до затворање на вестите. Молчат и од Обвинителството за тоа до каде е истрагата за загадувањето на водата и за недовршениот водоводен систем, при што од таму велат дека не откриваат детали во интерес на истрагата. Матната вода во Гостивар влезе во најматни настани на Транспаренси интернешнал овој месец.
„Самата обемност на овој настан, колку луѓе беа затруени, колку долго се жалеа луѓето на водата таму, а ништо не е спорведено, ни основни инспекциски надзори кои треба да се направат во вакви ситуации“, рече Благоја Пандовски – Т ранспаренси Интернешнл.
Телма вчера објави дека се намалуваат повраќањата и дијареата во Гостивар, но се појавуваат инфекции по кожата и други делови од телото поради техничката вода која некои ја користеле за бањање. Бројот на заболени достигна повеќе од 4 000 илјади од водата која раководството на Комуналец ја загади поставувајќи пумпи за да се зголеми притисокот. Обвинителството отвори истрага за директорката и двајца раководители кои се во притвор, но и за недовршениот водовод, проект финансиран од Швајцарска агенција. Во меѓувреме државата го помага населението само со вода за пиење и го хлорира системот за да го исчисти; за сега нема никаква друга одлука за помош на граѓаните на Гостивар.
Билјана Николовска
Фото: прес-материјал од настанот