Општина Центар доделува стипендии до 5.000 денари за основците, пријавите до 23 септември
Стипендии во три категории и осум места за ученици од семејства со висок социјален ризик; пријавите се поднесуваат до 23 септември 2026.

Општина Центар распиша јавен оглас за доделување месечни стипендии за учениците од општинските основни училишта, со износи кои достигнуваат до 5.000 денари. Стипендиите се доделуваат во три главни категории — култура; наука, техника и посебни вештини; и спорт — а дополнително се предвидени осум стипендии за талентирани ученици од семејства со висок социјален ризик.
Износи, траење и услови
Во категориите култура и наука/техника/посебни вештини висината на стипендиите е 4.000 и 4.500 денари месечно. За спортските стипендии предвидени се 3.500, 4.500 и 5.000 денари месечно. Исплатите ќе се вршат осум месеци во тековната учебна година.
„Со оваа мерка обезбедуваме поголема поддршка за знаењето, креативноста, талентот и спортскиот дух на нашите ученици. Тие се нашата иднина и заслужуваат услови во кои ќе можат да се развиваат и да ги остваруваат своите амбиции“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија. За пријавување се потребни: потврда од училиште дека ученикот е редовен, кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени дипломи, признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или акредитирани организации, согласно категоријата за која се аплицира.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар — Скопје или по пошта на адреса „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, со соодветна назнака за категоријата. Крајниот рок за доставување на пријавите и потребните документи е 23.9.2026 година.
Општината наведува дека огласот и списокот со потребни документи се објавени на веб-страницата на Општина Центар.
Фото: Слободен печат / Методи Здравев .


