Општина Кисела Вода има прилив на првачиња додека бројот во државата опаѓа
Министерката Весна Јаневска рече дека Кисела Вода има прилив на првачиња додека во државата се бележи пад од 4 900 првачиња во однос на ланската година.

Општина Кисела Вода регистрира прилив на првачиња во време кога во државата се бележи значително намалување на бројот на новозапишани ученици, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на нова спортска сала во основното училиште „Круме Кепески“ во Припор.
На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, а Јаневска говореше и за низа градежни интервенции во училиштата во општината.
„Во однос на Кисела Вода, покрај оваа сала, ние градиме сала во 'Кузман Јосифовски – Питу', а ќе реконструираме сали во 'Круме Кепески' и 'Кузман Шапкарев'. Дополнително, за целата Oпштина, речиси во целата, во 90 отсто да имаме едносменска настава, ние ќе доградуваме по шест училници во уште три училишта – 'Кузман Јосифовски – Питу', 'Круме Кепески' и во 'Рајко Жинзифов' во Пинтија, со што ќе го обезбедиме она што е приоритет за оваа Влада – едносменска настава за подобар квалитет на наставата во сите општини. Но, еве, Кисела Вода се приближи кон крајот, значи насекаде да го има тоа. Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни. Со тоа се обидуваме и да ги исполниме условите за тие да останат тука“, рече Јаневска.
Драстичен пад на ниво на држава
Пред десеттина дена министерката информираше дека бројот на основци во земјава е значително намален и дека „во моментот имаме 4 900 првачиња помалку од лани“. Таа напомена дека бројката не е дефинитивна затоа што уште ќе се запишуваат, но останува фактот дека има драстичен пад.
Во телевизиско интервју Јаневска посочи дека Министерството ќе го има конечниот број на запишани првачиња до крајот на септември и како главна причина за намалениот број ги наведе понискиот наталитет во родилните години на сегашната генерација: „Генерацијата што сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, а статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици“, изјави таа за ТВ „Сител“.
Фото: Фејсбук-профил на Весна Јаневска