Општина Кисела Вода ќе подели бесплатни униформи на 5.500 ученици
Првачињата ќе добијат и бесплатно ранче со училишен прибор; мерката е најавена од градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Општина Кисела Вода најави дека пред почетокот на новата учебна година ќе обезбеди бесплатни училишни униформи за сите 5.500 ученици во основните училишта на нејзина територија. Дополнително, секое прваче што оваа есен ќе седне во училишните клупи ќе добие бесплатно ранче опремено со потребниот училишен прибор.
Општинските власти ја претставуваат мерката како директна поддршка за семејните буџети и начин за создавање еднакви услови за учење на територијата на општината.
„Преку овие системски чекори се креира образовен амбиент ослободен од социјални разлики, во кој единствениот фокус на учениците останува воспитно-образовниот процес и нивната лична надградба. Сакаме родителите да бидат спокојни, а секое дете да се чувствува подеднакво вреднувано, достоинствено и прифатено. Општина Кисела Вода останува стабилен партнер на секое семејство, континуирано креирајќи мерки кои го унапредуваат квалитетот на живот на сите наши жители- изјави градоначалничката.
Пакетот за првачињата вклучува ранец и основен училишен прибор; од општината соопштија дека дистрибуцијата ќе започне пред првиот наставен ден за да бидат подготвени за првиот ден на училиште. Засега не е објавен деталeн распоред, а родителите се повикуваат да ги следат локалните соопштенија за места и термини на подигање.
Локалните власти велат дека кампањата за униформи и ранци е дел од пошироките мерки за социјална поддршка чија цел е намалување на трошоците поврзани со образованието и намалување на видливите економски разлики меѓу учениците.
Од општината додаваат дека програмата ќе се следи и доколку буџетските можности и интересот од семејствата го дозволат, во иднина може да се разгледа проширување на слични активности.
Фото: прес-материјал од настанот