Општина Крива Паланка бара 30‑дневна кризна состојба поради над 1.000 крави
Општината бара дополнителен кадар, опрема и оперативен план од АХВ за да се спречат штетите врз посевите и имотот.

Општина Крива Паланка побара од Владата да прогласи 30‑дневна кризна состојба поради непрописно и неконтролирано шетање на над 1.000 грла добиток низ градот, со последици по земјоделските ниви, приватниот и општинскиот имот.
Од општинскиот кризен штаб велат дека проблемот трае со години и дека земјоделците секојдневно трпат сериозни материјални и финансиски загуби. Како што оценуваат, расположливите капацитети на надлежните институции не се доволни за да се справат со обемот на штетите.
Општината бара дополнителни ресурси и координативен план
„Повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ територијата на општината, уништуваат земјоделски насади и оштетуваат приватен и општински имот. Граѓаните, особено земјоделците, секојдневно трпат сериозни материјални штети и финансиски загуби. Кризниот штаб оцени дека расположливите капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни во однос на обемот на проблемот. Затоа, од Владата се бара преку предложената кризна состојба да обезбеди дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со јасни одговорности и рокови“, велат од Општина Крива Паланка.
Покрај барањето за прогласување кризна состојба, општината побара од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рок од една недела да достави оперативен план за спроведување на постојните правосилни и извршни решенија од 2024 година и да започне конкретни теренски активности.
Од АХВ официјално било побарано да преземе мерки и да ги спроведе решенијата донесени во 2024 година, при што одговорите на агенцијата досега укажуваат на логистички ограничувања и дека нема можност за моментално собирање на стоката. Општината, меѓутоа, инсистира на итна и координирана интервенција за да се спречат понатамошни штети.
Фото: Архивска фотографија)


