Осум пациенти со невроинвазивна западнонилска треска хоспитализирани на Инфективна
Седум пациенти се од Скопје, еден е од Свети Николе; двајца се во тешка состојба на интензивна нега.

На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска, соопшти директорот на установата, Фадил Цана. Од нив, седум се од Скопје, а еден е од Свети Николе.
„Од осумте пациенти, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување, интибурани се и се на механичка вентилација. Сите пациенти се на возраст над 60 години. Еден од хоспитализираните е од Свети Николе, a другите се од Скопје“, рече Цана.
Од Клиниката посочуваат дека веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска.
Осмиот смртен случај и текот на болеста
Западнонилската инфекција го одзеде осмиот живот во земјата. Починатиот бил 70-годишен пациент кој на 25 август бил примен во изразено тешка состојба.
Веднаш по приемот, пациентот бил сместен на одделот за интензивно лекување, бил интубиран и поставен на механичка вентилација. За време на целиот десетдневен болнички престој, пациентот се наоѓал во тешка општа состојба.
Клиниката за инфективни болести продолжува да ги следи хоспитализираните пациенти и да обезбедува интензивна нега според потреба.
Фото: Принтскрин


