Почетна
Македонија

Пациенти на Клиниката за психијатрија: „Тешко е да се живее со депресија“

Анонимни пораки објавени за Светскиот ден на менталното здравје на 10 октомври ги прикажуваат личните искуства и ја истатуваат потребата од разбирање и побарање помош.

·Македонија
Пациенти на Клиниката за психијатрија: „Тешко е да се живее со депресија“

По повод Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври, ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија ги објави анонимните пораки и сведоштва од пациенти – лични искуства кои, според клиниката, треба да поттикнат поголемо разбирање и да ја намалат стигмата.

Дел од пораките гласат: „Проблемите со менталното здравје се еднакво исти како и сите други здравствени проблеми“. „Тешко е да се живее со депресија“. „Колку и да сум стабилен, или да личам стабилен, внатрешно ништо не е променето“. „Имам болест“.

Пациентите во анонимните пораки ја изразија и својата желба за промена: „Да бидам здрава и нормална“, „Да ме сфатат другите“, „Да се прифатат менталните болести“. Клиниката потсети дека целта на објавувањето е гласот на пациентите да стигне до јавноста и да покаже дека зад секоја дијагноза стои човек со своја приказна, потреби и надежи.

Кампања која ги вреднува личните искуства

Кампањата, која Универзитетската клиника за психијатрија ќе ја продолжи и во периодот што следува, има за цел да ја истакне потребата луѓето кои живеат или живееле со ментални потешкотии да не бидат само слушнати, туку нивните искуства да бидат препознаени како важен облик на знаење и искуство. Во време кога депресијата, анксиозноста и останатите ментални потешкотии се во пораст, клиниката смета дека од исклучителна важност е да се разбие стигмата и да се испрати пораката дека барањето помош не е слабост.

„На тој начин се праќа порака дека не си сам и не си единствен. Многу често луѓето кои страдаат од било каква мака, без разлика дали е телесна или психолошка, првото чувство што го имаат е страв и прашањето дали само мене ми се случува ова, дали сум единствен на светот кој има вакви потешкотии? Поради тоа, многу е важно да се слушне некој кој поминал низ истото или има слична животна патека“, вели проф. д-р Славица Арсова, директорка на Универзитетската клиника за психијатрија.

Таа додава дека нивната цел како здравствени работници е да не ги стигматизираат луѓето и да им создаваат чувство дека тие се различни од другите. „Сите ние сме различни и во однос на нашите карактеристики и во однос на нашата психолошка состојба, но тоа не нѐ прави помалку вредни во однос на останатите. Секој човек во текот на својот живот може да дојде во ситуација да побара помош, затоа што едноставно не можеме сами да се справиме со сите работи. И тоа не е срам, туку напротив, претставува големина и зрелост“, вели проф. д-р Арсова.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи