Пецов уплати 492.000 денари; Стафа побарал условен отпуст
Основниот кривичен суд извести дека Пецов ја платил казната, а решението за условен отпуст на Стафа е предмет на жалба.

Љупчо Пецов - Ѓаволот, кој на 2 септември беше осуден на условна казна затвор од две години, ја уплатил паричната казна во износ од 492.000 денари (8 илјади евра), информираше Основниот кривичен суд Скопје на брифинг.
Брифинг и статус на поврзани предмети
Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат, Фехми Стафа, кој се согласил со обвинителството за казна затвор од една година и три месеци по обвинение за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија во предметот на Пецов, сè уште е во притвор иako веќе побарал условен отпуст.
Од судот појаснија дека казната на Стафа требало да му заврши во март 2027 година, а судот му дозволил еден месец условен отпуст и негово пуштање на слобода на 1 февруари 2027. Тоа решение, како што информираа, е жалено од страна на осудениот и предметот е пратен во Апелација на 24 септември годинава.
На брифингот судиите објавија и информации за повеќе тековни предмети. Предметот „Крмзов" е во фаза на изведување на економско и графолошко вештачење, при што се сослушуваат вештите лица и се исцрпува листата на докази предложени од обвинителството пред да следат доказите на обвинетите.
За постариот предмет „Титаник" се врши изведување на докази и во моментот се сослушуваат сведоците на одбраната. Во предметот против Трифун Костовски и други, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднело обвинение кое по правило отишло во Специјализираното одделение, но судот оцени дека тоа одделение не е материјално надлежно бидејќи делата се однесуваат на предизвикување стечај на банки и несовесно работење во службата.
За предметот „Беланоца" обвинителството сè уште има двајца сведоци, по што ќе следува изведување на доказите на одбраната. Во предметот против Стевчо Јакимоски за кривично дело „злоупотреби" обвинетиот е задржан на болничко лекување, следното рочиште е закажано за 6 октомври, а до крајот на годината се закажани уште пет рочишта.
Предметот „Онкологија 2" е во фаза на изведување на докази на одбраната, односно доказите на првообвинетиот, и за него се закажани уште шест рочишта до крајот на годината. За случајот „Талир 1" главната расправа е одложена, што ја пробива законската рамка од 90 дена од последното одржано рочиште и ќе бара формален почеток на постапката одново.
Фото: прес-материјал од настанот


