Почетна
Македонија

Петмина кандидати за шеф на ОЈО-ГОКК

187 обвинители гласаат денеска во републичкото и четири виши обвинителства за избор на нов раководител.

·Македонија
Петмина кандидати за шеф на ОЈО-ГОКК

Обвинителите во земјата денеска гласаат за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК).

Во трката се петмина кандидати: обвинителот од ОЈО-ГОКК Фатон Азизи, вишиот јавен обвинител Трајче Пеливанов, обвинителките Лидија Раичевиќ и Искра Хаџи Василева и вишиот обвинител Јован Цветановски.

Каде и кога се одржува гласањето

Гласањето започна во 8:00 часот и беше отворено до 16:00 часот. Претставници од републичкото обвинителство и од четирите виши обвинителства во Скопје, Гостивар, Штип и Битола гласаа за новиот раководител на ОЈО-ГОКК. Еден од претседателите на изборните комисии, обвинителот Елвин Вели, кажа дека гласањето „се одвива непречено”.

Денеска гласаат 187 обвинители.

Државниот обвинител Ненад Савески го оствари своето право на глас и се надева дека избраниот обвинител „доследно ќе одговори на задачите и обврските за заедничко придонесување за зајакнување на довербата во институцијата и јасно покажување ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.”

Петмината кандидати претходно ги презентираа своите програми пред Советот на јавните обвинители. Овој избор следува поради истекувањето на мандатот на обвинителот Ислам Абази, кој беше избран за да раководи со институцијата во 2022 година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи