Петровска во Киев одликувана со Орденот на принцезата Олга од прв степен
Орденот, доделен од Володимир Зеленски во 2023 година, го препознава придонесот на Петровска за зајакнување на украинските одбранбени капацитети.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка во Собранието, Славјанка Петровска, денеска во Киев беше одликувана со Орденот на принцезата Олга од прв степен. Одликувањето ѝ било доделено од украинскиот претседател Володимир Зеленски во 2023 година за нејзиниот личен придонес во зајакнувањето на одбранбените капацитети на Украина за време на нејзиниот мандат како министерка за одбрана на Северна Македонија.
Признанието ѝ го врачи заменик-шефот на Кабинетот
Орденот ѝ го врачи Игор Жовква, заменик-шеф на Кабинетот на претседателот на Украина. Петровска му се заблагодари на украинскиот претседател за одликувањето и нагласи дека Украина и Украинците и натаму можат да сметаат на нејзината принципиелна поддршка.
Во објава на Фејсбук Петровска напиша: „Ова признание не го доживувам само како лично. Тоа е признание и за нашата држава, за професионалците во одбраната и за одлуките со кои Македонија покажа дека е принципиелен и кредибилен сојузник. Кога Украина беше нападната, не избравме молк. Застанавме на страната на меѓународното право, суверенитетот и правото на секоја држава да ја брани својата слобода. Кога го браниме правото на Украина на слобода и суверенитет, го браниме истиот меѓународен поредок што ги заштитува и малите држави како нашата“, порача Петровска.
Покрај доделувањето на признанието, Петровска и Жовква разговарале и за актуелните потреби на Украина. Заменик-шефот на кабинетот на претседателот изразил очекување дека Северна Македонија ќе ја продолжи поддршката за Украина преку билатерални механизми и во рамките на меѓународните иницијативи.
„Ја цениме поддршката на Северна Македонија за формирање на Специјален трибунал за агресија против Украина и меѓународните напори за компензација на загубите предизвикани од Русија и со нетрпение очекуваме ратификација на релевантните меѓународни конвенции од страна на парламентот“, порача претставникот на кабинетот на Зеленски за време на средбата со Петровска.
Жовква го актуализирал и прашањето за признавање на Холодоморот како геноцид од страна на македонскиот парламент, оценувајќи го тоа како важен чекор кон враќање на историската правда, и се заблагодарил за досегашната поддршка на земјава во борбата на Украина против руската агресија.
Фото: Славјанка Петровска (Фејсбук)