Почит пред десетте бранители од Карпалак: 25 години од масакрот
Делегации на Владата, СДСМ и Левица положија цвеќе и оддадоа почит на спомен-обележјето на 8 август.

Министерот за спорт Борко Ристовски и делегација на Владата денеска на Карпалак положија цвеќе и оддадоа почит на десет македонски бранители кои пред 25 години го положија животот бранејќи ја татковината. Делегации од СДСМ и Левица исто така беа присутни и положија цвеќе на спомен-обележјето.
"Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Десет имиња кои Македонија нема право да ги заборави. Нивната жртва е вградена во темелите на нашата држава. Тие застанаа во нејзина одбрана тогаш кога беше најтешко и за Македонија го дадоа најскапоценото што човек може да го даде – сопствениот живот," нагласил министерот, се наведува во соопштението на Министерството за спорт.
Ристовски рече дека Карпалак не е само место на нашата колективна болка, туку место на кое се потсетуваме што значат храброста, должноста, честа и љубовта кон татковината. "Наша обврска е нивните имиња да ги чуваме од заборав, нивната жртва да ја почитуваме, а на идните генерации да им ја пренесеме вистината за луѓето кои застанаа во одбрана на Македонија. По повод 25-годишнината од нивното загинување, пред нивната жртва денеска се поклонуваме со длабока почит и благодарност. Вечна слава на хероите од Карпалак. Никогаш заборавени. Да живее Македонија!" – нагласил Ристовски.
Делегации од партии на местото на трагедијата
Делегацијата на СДСМ, предводена од заменик-претседателката Фани Каранфилова Пановска, заедно со организацискиот секретар Зоран Трифуновски и претседателот на ОО СДСМ Тетово Жика Алексоски, денеска положи цвеќе на спомен-обележјето и оддаде почит на загинатите бранители.
"Вечна им слава на Горан Миновски, Сашо Китаноски, Веби Рушитоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и на Дарко Велјаноски, армиските резревисти кои на 8 август 2001 година беа убиени кај месноста Карпалак," соопшти СДСМ.
Делегацијата на Левица, предводена од советникот Боби Илиевски, исто така положи цвеќе и истакна дека државата сè уште не обезбедила правда за масакрот кај Карпалак. "Четврт век подоцна, државата сè уште нема обезбедено правда за масакрот кај Карпалак. Напротив, со години сведочиме како политичките елити го затвораат прашањето со амнестии, премолчување и политички договори. Во меѓувреме, статусот на бранителите со децении останува нерешен, а семејствата на загинатите се оставени сами да го носат товарот на една неправда која државата одбива да ја исправи. И денес, наместо отворање на прашањето за одговорноста за воените злосторства од 2001 година, власта продолжува со политика на заборав и релативизација. Истите политички структури кои со години го одложуваат решавањето на статусот на бранителите, денес повторно бараат од македонскиот народ да прифати дека за дел од неговата историја треба да молчи," велат од Левица.
На 8 август 2001 година припадниците на македонските безбедносни сили беа нападнати во кукавичка заседа поставена од припадници на УЧК; нападот кај Карпалак заврши со смртта на десет армиски резервисти.
Фото: Министерство за спорт